Една од главните причини за расипувањето на забите кај тинејџерите, се токму овие газирани пијалаци. Научниците од Универзитетот во Бирмингем, информираат дека 92 отсто од тинејџерите до 14 годишна возраст кои конзумираат газирани сокови, имаат оштетувања на забниот глеѓ. Со ваква констатација се и охридските заболекари. Тие нагласуваат дека штетноста на газираните пијалаци се состои во големата количина на шеќер, а црно обоените напитоци претежно содржат ортофосфорна киселина.
„Повеќето сокови имаат енормна количина шеќер. Дел од газираните пијалаци, претежно со црна карамелизирана боја, содржат ортофосфорна киселина која ја нагризува глеѓта на забот. Тоа претставува оштетување на првиот заштитен слој, кој всушност е 98 отсто минерал. Штом се пробие овој слој, забите полесно се расипуваат. Шеќерите од соковите се наталожуваат врз нив и во комбинација со нередовното четкањето заби штетноста е веќе алармантна“ – вели д-р Ангеле Гиноски oд стоматолошката ординација „Денто медика“.
Овие пијалаци се вештачко збогатени со јаглероден диоксид, кој се наоѓа под нормален атмосферски притисок. Тие се извор на празни калории без никаква хранлива вредност. Охридските доктори напоменуваат дека покрај воспаление на грлото и устата, овие газирани сокови можат да бидат причини за надуеност и оштетување на желудникот, како и воспаление на респираторните органи.
„Голем број на пациенти имаат воспалено грло поради конзумирањето на газирани пијалаци, кои го нагризуваат тој дел во внатрешноста на усната шуплина. Исто така може да дојде до воспаление на хранопроводот, па и до надуеност во пределот на стомакот и желудникот“ – информираат од ПЗУ Дарон.
Нутриционистите велат дека адитивите и вештачките бои, кои се составен дел на овие пијалаци, се штетни за чувствителната слузница на желудникот и цревата, а некои од нив се и канцерогени. Долгогодишното истражување на шведскиот Универзитет во Лунд, покажува дека 0,3 литри газиран пијалак на ден, ја зголемува опасноста од појава на канцер. „Кај секој човек кој пие газирно, постои ризик од околу 40 отсто за појава на канцерогени клетки на простата кај мажите“ – вели Изабел Дрејк, доктор на науки во универзитетот во Лунд.