Тодор Гечевски не ја промени одлуката за повлекување од репрезентацијата која ја донесе и соопшти во Охрид пред стартот на сезоната. Тој се повлече по завршување на Олимписките квалификации на кој Македонија не успеа да обезбеди пласман на летните Олимписки игри.


– Жалам што едно лошо полувреме против Доминиканската Република ми го уништи сонот за крај со настап на Олимписките игри – истакна пред неполна година Гечевски во Охрид, а во интервју за “Мкд.мк“ тој само тој само ја потврди својата одлука – Останувам цврст на ланското решение. Годините полека ме газат, а и не паметам кога последен пат сум бил со семејството во летниот период. Сите се надеваа дека ќе тргнам по стапките на Перо Антиќ и Владо Илиевски, но тие се неколку години помлади од мене и сеуште можат многу да дадат за репрезентацијата.


Договорот на Гечевски со МЗТ Скопје заврши, а искусниот кошаркар сака да ја продолжи верноста со “штрковите“. Но, договорот му заврши и тренерот Алеш Пипан, затоа Гечевски ќе го почека тренерското решение па ќе донесе одлука за продолжување на договорот.


Со “Тоше“ во составот кошаркарите на МЗТ Скопје две сезони во низа ја освојуваат двојната круна, а во дебитанската сезона во регионалната Јадранска лига одлично ја преставија македонската кошарка.

Мх.П.