По пауза од неколку месеци, повторно докажана доминацијата на Македонија во е-спортот во регионот.

Најдобриот македонски Counter- Strike тим, ENTITY, успеа да го освои третиот турнир во Приштина-  Косово, на кој учествуваа над 40 екипи и 200 натпреварувачи. На турнирот кој траеше четири дена, ENTITY без пораз го освои првото место.


– Како и секогаш поради огромниот интерес за нашата екипа во Косово, тимот на ENTITY беше топло пречекан, а сите натпревари беа проследени од страна на многубројна публика. Ова беше трето учество на ENTITY во Косово по двете први места на турнири во градот Качаник во 2009 и 2011 година, велат од ENTITY.

ENTITY е екипа составена од 5 членови базирани во Македонија кои се натпреваруваат во видео играта Counter- Strike. Counter- Strike е една од најпопуларните видео игри и се игра повеќе од 10 години на професионално ниво. Таа е First Person Shooter  игра,  односно игра со пукање во прво лице. Играчите на ENTITY се регистрирани членови на Македонската е-Спорт Федерација.

Тимот постои од средината на 2008-ма година и досега се постигнати значителни резултати- два пати шампиони на националните квалификации за светското првенство ” World Cyber Games”, шампиони на првите и единствени регионални квалификации на територијата на екс-Југославија за светски познатиот турнир ” KODE5″ и шампиони на последните два Балкански турнири во Трикала (Грција) и Белград (Србија) каде што учествуваа екипи од шест односно седум држави: Македонија, Грција, Турција, Романија, Бугарија, Израел (на турнирот во Грција) односно Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија и Унгарија (на турнирот во Србија).

Од својот оформување, ENTITY има освоено 20 први места, 4 втори и 6 трети места.

OhridNews