Од денес до 11-ти мај ќе се одржи петтото издание на најголемата еколошка акција во нашата земја „Генералка Викенд“ во сите 81 општина. Организаторите, Мен енд Маунтен, заедно со главните стратешки партнери, посочуваат дека целта на акцијата е подигнување на еколошката свест за одговорност кон животната средина.

Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид, се приклучуваат на акцијата со чистење и тоа: на потегот од плажата после хотел „Метропол“ до нас.Лагадин како и просторот околу Горна Порта денес, а плажата од река Грашница до подрачното училиштет „Св. Климент Охридски“ утре, информираат.

Во акцијата ќе земат учество и Костал Македонија Дооел, училишниот спортски клуб „Волеј“, Шпаркасе Банка, Централна Кооперативна Банка, Граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ и волонтерите од Програмата за грижа на стари лица „Најди време“ при Црвениот Крст на Охрид.  Универзитетот „Св.Апостол Павле“ како и сите училишта ќе ги чистат училишните дворови и непосредната околина.

Во Струга акцијата ќе започне во 10:00 часот  денес пред новата зграда на општината, а најголем акцент ќе се стави на крајбрежјето на Охридското Езеро, кејовите на реката Црн Дрим и Паркот на поезијата, посочуваат од Општина Струга.

Од општините ги повикува сите заинтересирани граѓани да земат учество во акцијата.

OhridNews