Генералниот секретар на Светската туристичка организација при ОН, Талеб Рифај, деновиве е во работна посета на Македонија. По неговото пристигнување во Охрид, Рифај ги пренесе основните препораки со цел подобрување на туристичката понуда во земјава. Меѓу другото, тој укажа на потребата од подобрување на сообраќајната инфраструктура, олеснување на процедурите за влез во државата и подобрување на туристичкиот производ, согласно европските стандарди.


–    Подобрување на сообраќајните решенија за да се олесни доаѓањето и кратки процедури за влез во земјата. Луѓето тука мора да се чувствуваат пријателски добредојдени и слободни. Впрочем, тука сме во Европа, така што мора многу да се работи на квалитативно подобрување и надградување на туристичкиот производ, проследено со силен маркетиншки настап за негова промоција. Тоа се главните елементи на кои мора да се работи при промовирање на земјата во комплетен туристички производ, рече Рифај, чии првични импресии од посетата на Македонија се исклучително позитивни.


Не само што времето е топло, топла е и атмосферата, а имересиониран сум од убавината на езерото и од топлината на луѓето тука. Може да се почуствува дека луѓето се весели и непосредни, истакна Рифај.


Зоран Николовски, раководител на Секторот за туризам при Министерството за економија, забележа дека самото присуство на генералниот секретар на Светската туристичка организација при ОН за Македонија е потврда дека земјата веќе го позиционира своето место на светската туристичка мапа.

Според Дончо Танески, претседателот на ХОТАМ, посетата на Рифај е можност за размена на искуства кои ќе придонесат кон развојот на туризмот.

Ние до сега сме користеле информации и искуства од Светската туристичка организација и целта ни е да реализираме одредени проекти и практики кои ќе придонесат за равој на туризмот. Сакаме да реализираме проект за едукација на постојниот кадар и доедукација на новите кадри кои излегуваат од нашите средни училишта и универзитети од областа на туризмот, рече Танески.


Во рамки на дводневната посета на Рифај , предвидено е тој да оствари повеќе работни средби со владини и невладини организации и здруженија.

OhridNews