Охрид не станува синоним само на природни убавини и туризам, туку e и место каде што рачно се изработуваат музички инструменти. Дури и најголемите скептици остануваат вчудовидени, кога се запознаваат со ремек делата на нашиот сограѓанин Горан Сиљаноски. Неговите креативни раце и генијален ум, веќе со години од срцевината на дрвото создаваат музички инструменти, кои можат да „стојат“ рамо до рамо со светски брендови.
„Идеата потекнува одамна. Преку свирењето во различни бендови, како секој млад музичар се стремев да имам подобра опрема. Но неможноста да купам добар инструмент, ме натера сам да го изработам телото на гитарата. Отаму произлезе тој интерес да го проучувам дрвото, односно еден процес кој траеше околу 7 години. Последнава година решив професионално да се посветам на овој занает. Работам заедно со мојата сопруга, а соработуавам и со Јован Наумоски, кој изработува засилувачи на звук. Го дефинирам нивниот изглед, односно ги изработувам кутиите за „појачалата“. На еден начин сакаме да покажеме на сите дека и во земјава постои некој кој изработува рачно инструменти.“ – вели нашиот сограѓанин Горан Сиљаноски.
Процесот на креација е многу сложен и комплексен, а бара огромно внимание и сталеженост. Се бараат најдобрите материјали, во чија обработката дури 80 отсто од дрвото се губи.
„Најчесто инспирацијата доаѓа пред легнување. Ја разглобувам идеата, а оставам таа спонтано да се развива. Користиме исклучиво македонски дрва, бидејќи нашата земја има страшно добри ресурси кои ги нема на друго место. Иако работиме за пари, сакаме креативната енергија да избие во најчиста можна форма. На некој начин да не се контаминира со ограничувања, а резултатот да биде перфекција на нашата замисла. Нашиот единствен адут е квалитетот, односно не користиме „фалш“ дрва и компоненти.“ – истакнува Сиљаноски.
До сега од неговата работилница „GS Handcraft“ се изработени повеќе од 10 трупови за гитари, комплетно 2 бас гитари, шест добоши, од кој еден е во сопственост на Гаро Тавитјан – Јуниор. „Бидејќи не правиме сериско производство, даваме максиум во нашата работа. Имаме работено за други брендови, а искуството е на наша страна. Идеата е музичарот да биде задоволен со секој создаден инструмент. Најмногу време имам потрошено на добошот кој го изработував за Гаро – Јуниор. Процесот траеше 3 месеци од самиот дизајн, до избор на материјали и обликувањето на дрвото. Потоа 2 месеци заедно со Гаро го доработивме целосно инструментот. Градевме тон од нула. Несомнено дека во неговиот добош вложив најмногу труд. “ – додава Сиљаноски.
Горан ни потенцира дека целото слободно време што го има, го посветува во неговата работа. Tој смета дека голем дел од луѓето се инертни и со доза на скептицизам гледаат кон оваа професија, која недоволно е афирмирана во земјава. „Едноставно оваа работа не се цени доволно. Треба да помине уште многу време, за луѓето да увидат што се случува со нас. Скептични се и не дозолуваат да видат некои работи. Ние претендираме да го извадиме тонот кој го има замислено музичарот во својата глава. Тоа е оригиналноста, која е една од примарните цели кон кои се стремиме“ – вели Сиљаноски.
За во иднина, овој наш сограѓанин сака градот да стане препознатлив не само по туризмот и природните убавини, туку по оригиналноста и автентичноста која се создава токму тука.
„Охрид е едно прекрасно место кое нуди многу работи, но не треба да застанеме тука. Сакаме градот да стане препознатлив по нашиот звук. Го имаме еден од најдобрите светски признати гитаристи, Дамјан Пејчиноски. Градот треба да понуди нешто сосема друго, односно да поставиме некои нови стандарди по кои ќе сме препознатливи. Да не е само езерото, туку кога ќе дојдат странските и домашни музичари, да го најдат тоа што го бараат“.- завршува охриѓанецот Сиљаноски, кој во моментов работи на нова гитара за наш светски гитарист.