Вечерва на големата сцена на Центарот за култура, со почеток во 21 часот, ќе се изведе првата драмска претстава- дел од програмата на годинешното издание од фестивалот “ Охридско лето”.  Станува збор за претставата “ Геноцид 21” во изведба на НУ Драмски театар- Скопје. Автор на текстот е Љубиша Георгиевски, а режисер на претставата е Владлен Александров. Гавните улоги ги толкуваат Јелена Жугиќ и Рубенс Муратовски.


Во претставата се говори за вечниот конфликт на џелатот и жртвата, за библиските прашања на покајание и простување. Ликовите во претставата Хекуба- кралицата на Троја и Агамемнон, кралот на Елините,  најомразените непријатели се заглавени во еден простор додека надвор се случува епокалипса, како два ѕвера во стапица заборавени од сите, додека болката е сведок за нивното постоење.

Текстот според кој се работеше претставата е еден од најубавите текстови кои сум имала можност досега да ги изговорам на сцена. Магичен текст кој колку повеќе го работевме, во него се повеќе наоѓавме длабина и вистина, предизвик како филозофија да се разбере и интерпретира, истакна на денешната прес конференција актерката Јелена Жугиќ, која го толкува ликот на Хекуба.


Според актерот Рубенс Муратовски, кој го толкува ликот на Агамемнон, текстот за претставата “ Геноцид 21”е најхрабриот текст кој говори за проблемите кои го засегаат македонскиот народ.

– Текстот не ги застапува моите интимни ставови, но затоа тука е магијата на театарот, рече Муратовски кој истакна дека најголем благодет кој може да му се случи на еден актер е да има партнер со кој може добро да соработува.


Претставата “Геноцид 21” е втората по ред претстава на Драмски театар Скопје режирана од страна на бугарскиот режисер Владлен Александров.

Ohridnews