Голема пукнатина, долга неколку километри, одеднаш се појави во југозападна Кенија. Пукнатината, која континуирано расте, предизвика колапс на автопатот Наироби-Нарок и беше придружена со сеизмичка активност во областа.

 

Земјата е планета која постојано се менува, иако некои промени се речиси незабележливи за нас, како на пример поместувањето на тектонските плочи. Но, од време на време се случува нешто драматично и ги ре-отвора прашањата за поделбата на Африка на два дела.

Источно африканската пукнатина се протега на околу 3000km од Заливот на Аден на север кон Зимбабве на југ, делејќи ја африканската тектонска плоча на два нееднакви дела, Сомалиска плоча и Нубиска плоча.

Пукнатините се почетна фаза на разделување на континентите и можат да доведат до формирање на нови океански басени. Ваков пример е Јужниот Атлантски Океан, кој се создал како резултат на разделувањето на Јужна Америка и Африка пред околу 138 милиони години.

За напукнување на континентите се потребни доволно големи сили кои можат да ја пробијат литосферата. Источно африканската пукнатина е активна пукнатина. Таа се должи на притисокот на подземните сили врз литосферата кои ја ослабуваат како резултат на порастот на температурата и растегнувањето, велат научниците.

А.М.