Политички фер плеј покажаа кандидатите за градоначалник на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ на Охрид на претстојните локални избори.
Актуелниот градоначалник на Охрид и кандидат за нов мандат, Константин Георгиески, во објава на официјалниот профил на Фејсбук, упати честитки до неговиот противкандидат од ВМРО ДПМНЕ, посакувајќи достоинствена кампања со високо ниво на култура и почит.
Мојот главен фокус останува на приоритетните потреби на граѓаните и најдоброто за Охрид. Решаваме децениски проблеми, инвестираме во инфраструктура, вложуваме во образование, ги подобруваме условите за туристички развој. Иако се уште сме далеку од почетокот на предизборна кампања, упатувам честитки до Кирил Пецаков за изборот за кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Посакувам да имаме достоинствена политичка дебата, со високо ниво на култура и почит. Сметам дека како политичари и носители на функции во текот на претстојниот период треба да продолжиме да работиме за интересите на Охрид, а како кандидати за градоначалник да покажеме сериозност и да ја поштедиме јавноста од здодевна и негативна кампањска реторика.
Да сме здрави и живи, се гледаме на избори! – напиша Кондатнтин Георгиески.

Охрид и охриѓани заслужуваат конструктивна политичка дебата со високо ниво на култура каква што им доликува на кандидати за градоначалници на убавиот Охрид. Како кандидат за градоначачалник на Охрид најавувам дека како и досега ќе продолжам со позитивна кампања и моето појавување пред јавноста и кај граѓаните ќе биде гордо и достоинствено преку презентирање проекти и она што им е потребно на охриѓани. Изразувам благодарност за упатените честитки од кандидатот на СДСМ, Константин Георгиески и воедно упатувам искрени честитки за неговата кандидатурата.Време е за промени.
Време е за Охрид за сите луѓе! – порача Пецаков.
Локалните избори ќе се одржат во втората половина на месец октомври.
OhridNews












