Поранешниот македонски премиер, Љубчо Георгиевски во својата автобиографија, која се очекува наскоро да биде објавена, открива многу детали за тајните на балканските политики.
Георгиевски во својата автобиографска книга „Тоа сум јас“ пишува дека своевремено со српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ разговарале за размена на територии меѓу Македонија, Албанија и Косово, пишува српскиот весник „Вечерње новости“, пренесува „Макфакс“.
Тоа е еден од најексклузивните детали кои би требало да бидат подетално разјаснети во автобиографската книга која наскоро се очекува да биде објавена.
Георгиевски, првиот лидер на сега владејачката ВМРО – ДПМНЕ во книгата открива низа непознати поединости од новата историја на Македонија.
Во книгата пишува и дека Георгиевски во затворот во Шевенинген петнаесетина минути разговарал со покојниот српски претседател Слободан Милошеевиќ, кога бил во посета на поранешниот шеф на полицијата, Љубе Бошковски, пишува „Вечерње новости“.
Поранешниот македонски премиер сега во книгата потврдува дека во 1999 година бил повикан во Белата куќа, каде тогашниот американски државен секретар Медлин Олбрајт од Македонија побарала дозвола, копнените сили на НАТО да ја нападнат Србија од територијата на Македонија.
Георгиевски вели дека се согласил на ова барање, но потсетува дека тоа сценарио на САД и НАТО не се случило.
Од сегашна дистанца, Георгиевски оценува дека Македонија би била подобро место за живот доколку наместо Киро Глигоров за претседател на државата по осамостојувањето бил избран Петар Гошев „првиот комунистички лидер кој и даваше отпор на Југославија“.
За покојниот шеф на државата, Борис Трајковски вели дека „немал капацитет да биде претседател на Македонија“, а неговата победа на претседателските избори во 1999 година, тој ја нарекува „пирова победа на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Глигоров и Бранко Црвенковски имаа капацитет за шеф на државата, додека Трајковски и Ѓорге Иванов немаат“ оценува Георгиевски.
Во освртот на сегашната државно – политичка ситуација, Георгиевски заклучува дека „Македонците се најголеми фалсификатори на балканската историја и дека ќе го проколнат мајчиното млеко затоа што се одрекле од Свети Климент и Наум“.
извор:„Макфакс“