„Ваквиот начин на обид за растурање на една опозициска партија е својствен само за тоталитарните држави и очигледно дека овој режим, после растурањето на медиумскиот простор во Македонија, сега прави еден обид и за растурање на опозициските партии во Македонија“, изјави Георгиевски.
Тој тврди дека мал број членови на ВМРО-НП ја напуштиле партијата, изразувајќи сомнеж дека преземањето на ВМРО-НП од страна на ВМРО-ДПМНЕ траело подолго време.
Почесниот претседател на ВМРО-НП најави враќање на претседателското место и и порача на партијата на влсат дека од сега, како што рече, ќе имаат работа со него.
„Ние имаме работа со еден навистина тоталитарен режим и една тоталитарна партија која очигледно ниту признава медиумска слобода, ниту повеќепартиски систем во Република Македонија“, рече Георгиевски.
Тој најави дека в недела ќе се одржи состанок на Центалниот комитет на партијата што ќе биде отворен за медиумите, а партиски Конгрес за избор на ново раководсто ќе се одржи „во најскоро време“.
Георгиевски негира дека има потпишано коалициски договор со СДСМ. На обвинувањата за криминални зделки во општините под власт на СДСМ, Георгиевски рече дека е подготвен да се соочи со Додовски на телевизиски дуел на која било телевизија да ги соочат аргументите.
Георгиевски обвини дека Додовски бил еден од најголемите кочничари за формирање предизборна коалиција со Обединети за Македонија и Достоинство.
ВМРО-ДПМНЕ:Георгиевски да се преиспита зошто му замина членството
Причините за заминувањето на огромен дел на членството и раководството на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски наместо кај нас, добро е да си ја побара кај себе, во своите постапки, односот кон луѓето и генерално во самиот себе си.
Ова се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, откако вечерва почесниот претседател на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски ја обвини партијата на власт дека го купила претседателот Маријан Додовски и дел од членството.
„Никого ниту сме канеле, ниту убедувале, а најмалку поткупувале“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека луѓето имаат свој ум и сами пресудуваат што ќе направат.
„Георгевски не треба да очекува дека ако ние ги спречуваме членовите на Народна да не се враќаат, дека тоа ќе му ја спаси и одржи партијата од пропаѓање. Тоа се истите оние луѓе кои до неодамна многу му веруваа и жестоко го напаѓаа ВМРО-ДПМНЕ верувајќи во зборовите и советите на нивниот почесен лидер, но кога нешто не се прави искрено и на здрави основи, тоа е осудено да заврши неславно“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
извор: „Макфакс“