Беше ладна декемвриска ноќ, кога Манчестер Јунјатед со тогаш младиот Гери Невил во составот славеше над Рапид Виена сo 2-0. Легендарниот капитен на “црвените ѓаволи“, актуелен тренер на Валенсија носи убави секавања од гостувањето во Виена.
– Да да, го паметам мечот против Рапид. Беше ладно врнежливо, победивме 2-0 и таквите гостински победи секогаш остануваат во сеќавање. – се наврати Невил на мечот кој Манчестер во 1996 година против Рапид го доби со головите на Гигс и Кантона.
Иако во моментов изгледа далечно, Невил сепак не ја исклучува можноста еден ден повторно да дојде во Виена со експедицијата на “црвените ѓаволи“, секако во една друга улога. – Ха ха , можеби. Но сега воопшто не размислувам за тоа, фокусиран сум на Валенсија и на претстојните мечеви во Лигата на Европа и шпанскиот шампионат – одговори Невил кој има договор со Валенсија до крајот на актуелната сезона.
Тренерот на Валенсија е исправен пред нови предизвици со “лилјаците“ , токму двомечот со Рапид кој го добија со вкупни 10-0, го врати мирот во соблекувалната на “Ел Че“. Притисокот на грбот на Невил е намален и тој може спокојно да ја продолжи својата работа.
– Не сакам да користам фрази од типот пресвртница, но факт е дека двомечот со Рапид покажа дека знаеме да играме добар, допадлив и ефикасен фудбал. Рапид не е воопшто слаб тим, но ние одигравме два перфектни меча. Мислам дека кој и да беше наш противник со играта што ја прикажавме на овие мечеви нема да му беше сеедно. – смета Невил.
Контрола на играта со додавање во широчина како и брз продор кон противничкиот гол е фудбалската филозофија на Англичанецот, по малку спортивна на традционалниот фудбал на кој сме навикнале да го гледаме на островото.
– Барам смирена игра, технички фудбал без избрзани додавање, брза трансформација и пенетрација во противничкиот простор. Напорно работиме на тоа, на почеток не беше воопшто лесно, но ете после неколку месеци работи работите дојдоа на свое место. Дојдоа победите и со то уживањето во фудбалската игра. – посочи Невил.
Покрај скапиот тим кој го има Валенсија, (летово вложија преку 100 милиони евра), Невил обрати големо внимание на младите фудбалери на “лилјаците“ кои преку мечевите во Лига Европа го покажаа својот потенцијал.
– Од моето доаѓање кажав дека моја цел ќе биде да се промовираат млади фудбалери. Академијата на Валенсија има огромен потенцијал, некои млади фудбалери добија шанса, важно е да се покаже дека веруваме во нив и дека низ ваквите мечеви се гради нивниот карактер. Се сеќавам како млад фудбалер кога дебитирав во Европа против Гетеборг и Фенербахче, тие мечеви беа огромен поттик за мене да продолжам напорно да тренирам. – истакна Невил.
По серијата четири победи во низа во Шпанија и Европа, во тимот на Невил се врати спокојството, но стартот на клупата на Валенсија не беше така розов за англичанецот кој за помошник го има својот брат Фил Невил. Валенсија нижеше порази во првите осум меча а како капак на се дојде поразот до Барселона со 7-0 во шпанскиот Куп.
– Се чувствував лошо, неописливо лошо. Катастрофално. Но не дозволив да ме повлече моментот. Јас секогаш сум бил човек кој стоел на земја. Не се занесувам во победите, но ниту се депримирам по поразите. Реков и тогаш, тимот има потенцијал да ја мина таа криза и верувам во нив. Истото можам да го повторам и сега дека овој тим има капацитет за големи дострели. – потенцираше Невил.
Шпанската новинарска експедија во Виена со интерес го следеше мечот со Рапид, по серијата победи и кај нив се врати вербата во одлуката Невил да го води тимот кој 2004 година триумфираше во Уефа Купот.
– Беше невозможно, осум меча без победа, па тоа не и се случило на Валенсија. Сите тогаш помислија што прави англичанецот овде. Поготово по оној пораз од Барселона. Но ете сега сме на другата страна, овие победи ја променија атмфосферата во клубот, се вратија насмевките и според последните информации очекуваме сопственикот на клубот да му го продолжи договорот на Невил. – коментираа шпанските новинари.
Баришич за Валенсија
По успешниот настап во групната фаза 5 победи во 6 меча, зелените од Виена мораа со два тешки порази и вкупни 10-0 да се збогуваат од Лигата Европа. Тренерот на зелените Зоран Баришич ја гледа Валенсија како еден од можните победници во ова Куп издание.
– Ние имавме успешна европриказна. Мора да е признае дека Валенсија беше за класа подобар противник од нас. Тоа е тим со шампионско педигре и очекувам да стигнат далеку во ова натпреварување. – коменитраше Баришич по мечот со Валенсија.
Шумуликовски на трибините во Виена
На трибините во Виена покрај 40 илајди гледачи како и бројните акредитирани новинари беше и поранешниот македонски репрезентативец Величе Шумуликовски. Поранешниот репрезентавивец во улога на скаут за англискиот тим Саутемптон го следеше мечот во Виена. – Се уште сум активен во Синот, а овде сум да ги следам младите фудбалери кои се во радарот на Саутемптон. Мечевите од Лигата на Европа се возбудливи, има и неколку млади фудбалери кои се интересни па дојдов на лице место да се уверам во нивниот квалитет. – рече Шумуликоски неоткривајќи за кои фудбалери конкретно се работи.
Мирко Постоловски
















