По одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да се запрат сите кривични постапки што се водат против политичари од власта и опозицијата со соопштение реагираше сојузната влада на Германија, а на својот Тњиттер профил, американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли.

Двете држави порачуваат Специјалното јавно обвинителство да продолжи непречено да работи и судовите да си ја завршат својата работа. Германската влада бара владеењето на правото да биде почитувано од сите страни.

„Се надеваме дека состојбата во државата и во општеството правно и политички нема да се заострува натаму и дека јавната безбедност ќе остане сочувана. Освен тоа, сојузната влада се надева на брзо разјаснување на правните и политички прашања, кои произлегуваат од најавата на Претседателот на државата. Од особено значење е, Специјалното јавно обвинителство, како што е предвидено со Договорот од Пржино, да може непречено да ја продолжи својата исклучително важна работа за институционално стабилизирање на државниот систем, која многу се цени од голем дел од македонското општество и од меѓународната заедница. Покрај тоа, сите партии би требало да ги засилат своите напори за создавање на минимум предуслови за избори, соодветни на европските стандарди“, се вели во соопштението од германската влада.

Според американскиот амбасадор Бејли, помилувањето без судски процес ги штити корумпираните политичари и нивните соработници. „Оставете ги СЈО и судовите да си ја завршат работата “, напиша Бејли утрово на Твитер.