Германски државјанин кој со изнајмено возило од Македонија отпатувал во грчкото одмаралиште Паралија, вчера во земјава се вратил без регистарски таблици. Од возилото во Грција биле украдени двете скопски регистарски таблички.

Случајот бил евидентиран вчера, кај македонската гранична полиција, на Граничниот премин “Богородица“, а од страна на германскиот државјанин кражбата не била пријавена во грчката полиција.

Со овој новорегистриран случај, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција биле регистрирани вкупно 64 оштетувања на возила и одземања на регистарски ознаки. Од пријавените оштетувања од страна на македонските државјани, 41 се кражби на регистарски таблички, од кои во 29 случаи на возилата им биле украдени обете таблички. Во однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега порасна на 23 случаи. Од сите случаи, 36 биле пријавени и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Бројот на лица од Скопје кои пријавиле кражба на регистарски таблички или оштетување на моторно возило и натаму предничи и изнесува 34, останатите пријави се на лица од други места од државава и еден странски државјанин.