Културата, традицијата, природните богатства, храната, одличното вино и гостопримливоста на македонскиот народ се главните адути со кои Македонија се претставува на Интернационалниот туристички саем „ITB 2015“ кој од 4-ти до 8-ми март се одржува во Берлин, Германија.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија информираат дека промоцијата на овој саем има за цел привлече поголем број на германски туристи кои ќе ја посетуваат нашата земја.

– Остваривме средба со продукт менаџерот на FTI Touristik Gmbh кои продаваат пакети за патувања во 80 земји и е четврт по големина тур-оператор во Германија. Истите се подготвени да ја стават Македонија во нивната туристичка понуда за претстојнава сезона и Скопје да стане омилена “city break” дестинација со оглед на четирите директни авионски линии со Германија. Се оствари средба со директорот на Асоцијацијата за Активен Туризам (АТТА) за Европа, Chris Doyle на која се разговараше за активностите што треба да се превземат за најголемиот регионален самит за активен туризам, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Kристијан Џамбазовски.

Тој додаде дека во рамки на саемот биле остварени состаноци за идна соработка со туристички агенции од Албанија, Хрватска, Црна Гора и Косово.

На „ITB 2015“ годинава се презентираат 180 земји и приближно 12.000 излагачи од областа на туризмот.

OhridNews