Шампионот на Европа од 2010 година, Интер направи гест за почит и поздрав, откако одлучи да ја одложи роденденската прослава која беше закажана за овој викенд поради смртта на Давиде Астори.

Навивачите на Интер подготвуваа роденденска фешта за дуелот со Наполи на Џузепе Меаца, но фудбалот и се останато паднаа во втор план во Италија после ненадејната смрт на фудбалерот од Фиорентина. 28-та рунда во „калчо“ лигата ќе помине во знакот на Давиде Астори, а навивачите на Интер најавија голем транспарент со кој ќе се збогуваат со капитенот.

31-годишниот фудбалер во вечноста беше испратен со сите почести, а на погребот присуствуваа сите фудбалери на Интер предводени од живата легенда Хавиер Занети кој има директорска улога во клубот.

Интер во следниов период на некој друг натпревар ќе го прослави 110-от роденден. „Нероазурите“ се последен европски шампион кој доаѓа од Италија и единствена екипа со тројна круна во една сезона.

OhridNews