Ученици од 9 одделение од ОУ „Григор Прличев“ Охрид, како партнер училиште на Гете – Институт, секоја година имаат можност да посетуваат бесплатен семестрален курс по германски јазик стипендиран од овој институт. Курсот и оваа, како и минатите години, се одржуваше во училиштето „Таргет“ во Охрид, а стипендистите успешно ги проширија своите познавања од германскиот јазик.

Најдобрите двајца по спроведено тестирање, што ќе се одржи деновиве во Скопје, ќе добијат целосна стипендија за посета на јазичен курс во Германија.

– Пред се сме среќни што имавме можност овде во „Таргет“ да посетуваме семестрален курс кој што е стипендиран од Гете – Институт. Благодарение на нашите наставнички Ивана Маховска и Моника Герасимоска работевме и учевме во една пријатна атмосфера и со посебна програма која ги разви нашите комуникациски вештини. – објаснува еден од стипендираните ученици.

По тестирањето ќе дознаеме кој ја добива стипендијата. Сигурен сум во своето знаење и во знаењето на останатите. Возбудени сме сите и сите се надеваме на одлични резултати. – додава друг ученик.

Сертификатот од успешно положениот испит за млади ФИТ 2 учениците може да го користат како доказ за познавање на јазикот на ниво А2 според европска референтна рамка за јазици. Истиот е признат во целиот свет и нема ограничен рок на важност.

OhridNews