Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос со официјално соопштение до јавноста го искажа незадоволството и разочарувањето од делењето на правдата на вчерашниот дуел во Дебар против Кораб во осмата рунда од Втората македонска фудбалска лига. „Рибарите“ претрпеа минимален пораз (1-0) од контроверзен пенал кој пред крајот на првиот дел го досуди стружанецот Садик Таири.

Соопштението од ГФК Охрид ви го пренесуваме во целост:

Човекот кој требаше да биде делител на правдата на фудбалскиот натпревар, одигра главна улога и беше директен виновник за резултатот на натпреварот, притоа сериозно оштетувајќи ја нашата екипа.

Судењето во текот на целиот натпревар беше тенденциозно и на ниво кое не доликува на Општинска лига, а камо ли на второлигашки натпревар. Во воведните 20-тина минути секој најмал контакт во опасната зона беше досуден во корист на домаќините, кои добија околу десеттина прилики да го загрозат нашиот гол.

Откако тоа не вроди со плод и нашата екипа го издржа  притисокот, во моментите кога почнавме да се надигруваме со противникот, повторно на сцена стапи Таири. После изведен корнер од наша страна судијата не досуди очигледно играње со рака во просторот од 16 метри. Во неколку последователни акции наместо фаул за нас, тој досуди контра-фаул. Откако нашата екипа ја презеде иницијатаивата по почетниот притисок и контроверзното судење не вроди со плод, Таири после една нафрлена топка и никаков контакт врз противничкиот играч (што јасно може да се види од видеото кое кружи по социјалните мрежи акко и снимката од натпреварот кога истата ќе биде достапна на сајтот на ФФМ) досуди скандалозен пенал. Нашите фудбалери негодуваа, но попусто бидејќи Таири (веројатно) ја исполни целта.

Вреди да се напомене дека во првиот дел Таири пропушти прилика да ја опомени клупата на Кораб која бурно реагираше на неколку наврати после и онака малкуте судиски одлуки во наша корист. Таири ја премолче реакцијата и продолжи понатаму.

Во второто полувреме Таири продолжи таму каде што застана. Овој пат помош имаше од вториот помошник Изеири Вјолца. Откако нашата екипа ја презеде целосно иницијативата и почна да креира шанси на противничката половина, вториот помошник започна со констатно сигнализирање на офсајд ситуации и прекршоци. Во најмла рака беа досудени три-четири ситуации во кои нашите офанзивци се 2-3 метри пред последниот одбранбен играч. Излишно е да се напомене дека Таири продолжи со својот критериум на судење на секој контакт во корист на домаќинот.

На  крај, после 3  измени, пет лекарски интервенции и најмалку десетина „лежење по терен“ , Таири натпреварот го продолжи 3 минути во кои имаше уште една докторска интервенција поради повреден фудбалер на Кораб, а за тоа не надополни ништо, туку свирна крај точно во 93-та минута.

Ваквото судење остави сериозна дамка на вчерашниот натпревар, како и на севкупната фудбалската игра во нашата земја. Нивото на делење ан правдата не беше ни за најниските лиги, а камо ли за натправар во рамките на втората по квалитет лига во Македонија.

Упатуваме сериозна забелешка до Судиската организација во Македонија и Фудбалската федерација на Македонија да се прегледа натпреварот и да ни се образложат спорните одлуки на судијата Таири. Исто така да се поведе грижа кој се во нашта лига се нарекува себеси делител на правда на фудбалски натпревар.

Исто така бараме изземање на Таири од нашите натпревари, без разлика дали ги играме на домашен или гостински терен.

Со надеж дека ова е само изолиран случај и индивидуални грешки на т.н судии на натпреварот, како и дека во иднина нема да сме сведоци на вакви не фудбалски случувања уште една упатуваме апел до ФФМ и судиската организација да посериозно ја разгледаат ситуацијата со вакви случаи и преземат соодветни мерки .

Спортски поздрав, ГФК Охрид Лихнидос.

OhridNews

 

Видео: Контроверзен пенал му пресуди на Охрид во дербито со Кораб