Деновиве во ОСУ „ Св. Климент Охридски“ – Охрид беше пуштена во употреба новата смарт училница која е една од ретките во регионот.
Новата училница овозможува автоматизирано управување со повеќе уреди: осветлувањето се контролира преку системот „Alexa“, сите компјутери се поврзани во мрежа што овозможува интерактивна и колаборативна работа, а телевизорот и останатата опрема функционираат преку централизирано управување. На настанот беше промовиран и специјален сензор за анализа на интензитетот на светлина, кој проверува дали осветлувањето во просторијата е соодветно и безбедно за учениците, информираат од училиштето.
Дополнително, беше претставен и „Evolution Robot“ – напреден едукативен робот кој може да се управува во реално време, но и целосно да се програмира според наставните потреби.
Со ова, учениците добиваат можност преку практична работа да изучуваат роботика, логичко размислување и програмирање, потенцираат.
Проектот, велат, е реализиран по иницијатива на проф. Дарко Цветкоски и неговите колеги, кои вложија значителни напори во интеграцијата на современа технологија во наставниот процес.
Со овој чекор, Гимназијата поставува стандарди за модерно образование и создава средина што поттикнува иновација, креативност и развој на технолошките вештини кај младите, додаваат од училиштето.
OhridNews














