Пред многубројната публика, гости од другите училишта, родители и професори гимназијалците изведоа културен перформанс преку кој го одбележаа празникот Лазарица.

Под мотото „Традицијата-темел на современото живеење“, учениците преку драмска игра, осмислена, напишана и изведена од страна на рецитаторите, а под менторство на професорката Светлана Голабоска ги претставија, веќе подзаборавените обичаи за празникот Лазара, информираат од ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Со традиционални лазарски песни се претстави хорот при нашата Гимназија под водство на професорот по музичка уметност Александар Димоски. Исто така, се претстави и училишниот оркестар кој ја изведе фолклорната тема „Деветка“ аранжирана од професорот по музичка уметност Љупчо Аслимоски, специјално, за овој културен перформанс. Присутните можеа да го проследат и дефилето на носии од охридско-струшкиот регион и од Егејска Македонија. Исто така, нашите учениците, под менторство на професорката Катерина Слатиноска, изработија модерен накит со елементи од фолклор, велат од училиштето.

Тие елементи, додадаваат, биле применети и во декорирање на модерна облека како и други предмети и аксесоари кои се изложени во ходникот на Гимназијата, а изложбата е од отворен тип и може да се посети.

Директорката на Гимназијата, Светлана Велкоска, ја потенцираше вредноста на традицијата и ја истакна благодарноста до сите ученици- учесници и професори кои на оргинален начин ја осуштествуваа нејзината идеја за автентично потсетување на традиционалните вредности при прославата на празникот Лазара.

Целиот културен перформанс го збогатија и учениците кои се членови на градските играорни друштва со изведба на традиционални македонски ора.

OhridNews