Влез на домашен и странски капитал во општината во форма на грифилд инвестиции, стимулирање на произвoдствени и хотелско – угостителски капацитети кои што ќе имаат комунални бенефиции и регионално економско поврзување на соседните оштини, се само дел од приоритетите на кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО НП, Томе Гиноски.

Гиноски на прес конференција денеска ја презентираше својата изборна програма, најавувајќи дека доколку ја добие довербата од граѓаните ќе се залага за одговорно работење на општинската администрација и дека ќе инвестира во нејзината едукација со цел поефикасно работење на локалната самоуправа.
Кандидатот на ВМРО НП најави преструктуирање на јавните претпријатија по принципот на јавно приватно партнерство или долгорочни концесии, како и формирање на уште едно јавно претпријатие за урбанизам.
Меѓу приоритетите, Гиноски го најави и донесувањето на Закон за Охрид како отворен град и заштита на културно историските и еколошки вредности на градот и регионот.

Гиноски најави средување на урбанистичкиот хаос и одржлив развој на градот. „ Стоп за урбаната и еколошка девастација на градот, езерото и крајбрежјето, како и ревизија на планот за изградба на згради и хотелски објекти во СРЦ „Билјанини извори“, ќе бидат моите заложби рече Гиноски. Тој најави заштита на блатото Студенчишта и крајбрежието и донесување акционен план за борба против бучавоста, како и изработка на студија за менаџирање на сообраќаајот во Охрид.
На прес конференцијата се обрати и носителот на листата на советници од ВМРО НП, Јоне Станкоски, кој најави дека акцент неговата партија ќе стави и на туризмот, образованието и равојот на спортот.











