Екипата на Работнички е првиот ривал на охридските ракометари на домашен терен во новата сезона од Супер лигата. „Гладијаторите“, најавуваат победа и запишување на првите бодови на табелата во мечот кој се игра в сабота во 19 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.

  • Работнички е повратник во Супер лигата и противник кој никако не смее да се потцени. Ние сме големи фаворити и мора тој епитет да го потврдиме на теренот. Годинава имаме подобра екипа од лани и пласман во плејофот е реален и очекуван успех. Ја користам приликата да ги повикам охриѓани и „Рибарите“ да дојдат во што поголем број и заедно дја продолжиме успешната спортска приказна. – изјави капитенот Крсте Андоновски.

Голманот со репрезентативно педигре Никола Даниловски за Охрид се одлучил поради проектот на клубот и Раде Стојановиќ кој беше асистент во првата екипа на Металург и предводник на младите „металурзи“.

  • Како што кажа Крсте се е наша страна и тоа треба да го преточиме во триумф. Сакаме победничка премиера во Охрид, сакаме да ги израдуваме навивачите и публиката со победа и една добра ракометна претстава. Работнички не е слаба и наивна екипа, но ако ние бидеме на висина од задачата нема да имаме никаков проблем да стигниме до победата. Во Охрид дојдов да бранам што повеќе. Понуди имаше неколку, но за Охрид се одлучив поради тренерот Раде Стојановиќ и проектот кој клубот го има години наназад. – изјави голманот Данилоски.

Во првата рунда, Охрид на гостински терен изгуби од Пролет а Работнички ремизираше со Струга.

OhridNews