Ракометарите на Охрид, утре (среда) со почеток во 18 часот на домашен терен го пречекуваат составот на Металург 2 во последниот натпревар од првата фаза во регуларниот дел од сезоната во Супер лигата. „Гладијаторите“, според сите проценки треба да го добијат мечот и да ја продолжат позитивната серија во ракометното елитно друштво.

  • Металург 2 е млад состав кој сигурно ќе сака да се надигрува со нас во Охрид. Ние како екипа сме во добра серија, фаворити сме на хатрија и треба да победиме без поголеми потешкотии. Секогаш е добро да имаш конкуренција за местото во составот. Мојот соиграч Иван Тасески е далеку поискусен играч од мене и со богато суперлигашко искуство. Се борам на тренинзите, во текот на натпреварите давам 100% и мислам дека до сега сум ја искористил секоја шанса која му пружил тренерот. – изјави пивотменот Кристијан Анастасовски.

Утрешниот меч ќе биде добра прилика за младите ракометари кои сигурно ќе добијат шанса од тренерот Раде Стојановиќ. Еден од нив ќе биде Мартин Ивановски. Охриѓанецот е во плановите на Стојановиќ и одигра неколку мечеви кога се кршеа копјата за победа.

  • Речиси истите ракометари под нашиот сегашен тренер минатата година играа во Охрид на завршниот турнир во Младинската лига. Така што добро се познаваме и мислам дека нема со што да изненадат. Очекувам поголема минутажа во утрешниот меч а во глобала задоволен сум од шансата која ја добивам оваа сезона. Играв во натпревари кога беше тесен резултатот и мислам дека јас како и екипата се наоѓаме на вистинскиот пат. – рече Ивановски.

После осум одиграни мечеви, Охрид е второпласиран на табелата со еден бод помалку од лидерот Металург. Средбата со младите „металурзи“ ќе биде еден вид на најава за спектаклот со Пролет следниот викенд кога осмиот играч на РК Охрид, „Рибарите“ ќе го прослават 30-от роденден.

Мх.П.