Австралиецот Даниел Рикардо од тимот на РедБул-Рено е победник на трката за Големата награда на Унгарија, 11-та трка од годинешното Светско првенство на пилотите во Формила 1, што се возеше денеска на патеката Хунгароринг.

Рикардо до својата втора победа во кариерата стигна со 5,2 секунди предност пред второпласираниот, Шпанецот Фернандо Алонсо од Ферари. Третото место му припадна на Британецот Луис Хамилтон од екипата на Мерцедес, кој како и минатата недела на германската патека во Хокенхајм стартуваше од последната позиција, а на крајот заостана за 5,8 секунди зад победникот, пренесува „Макфакс“.

Водечкиот во вкупниот пласман, Германецот Нико Розберг, кој стартуваше од пол позицијата, на целта пристигна четврти, со заостанување од 6,3 секунди зад Рикардо.

По 11 одржани од вкупно 19 трки, во редоследот за освојување на титулата кај возачите води Розберг со 202 бодови, втор е Хамилтон со 191, а трет е Рикардо со 131 бод.

OhridNews
извор:„Макфакс“