ПС Кичево поднесе кривична пријава против Љ.А.(61) од Кичево, поради постоење на основано  сомнение дека сторил  кривични дела „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.   

Пријавениот, на 4-ти овој месец, на магистралниот пат Охрид-Кичево, управувајќи патничко моторно возило „Опел-Вектра„   удрил во пешакот Трајче С.(44) од селото Доленци и незастанувајќи да пружи помош го напуштил местото на настанот. Од здобиените повреди, пешакот починал на лице место.

Сообраќајната незгода, се случила околу 21 часот и 30 минути, во близина на разделната станица кај селото Другово, кога пријавениот, незабележувајќи го сега починатиот пешак кој се движел по десната страна од коловозот, го удрил со предниот десен дел од возилото кое го управувал. На лице место, набрзо, е извршен увид од Истражен судија и Основен јавен обвинител од Основниот Суд во Гостивар, тим од полициски службеници и  екипа од медицинскиот центар од Кичево, која утврдила смрт од здобиените повреди. Ден по сообраќајната незгода и ударот во пешакот, пријавениот го однел и го оставил патничкото моторно возило во авто-сервис во Тетово (каде истото е пронајдено) и побарал да бидат санирани оштетувањата на предната десна страна, браникот и стаклото од возилото.

OhridNews