Фудбалерите на Охрид, утре (среда) со почеток во 13 часот и 30 минути на домашен терен ќе го пречекаат тимот на Лабуништа во реваншот од 1/8 финалето во Купот на Македонија. Лабуништа е два чекори пред Охрид после победата (2-0) во првиот натпревар кој се одигра во Струга.

Предводникот на Охрид, Гоце Толески изјави дека ќе комбинира со играчите во составот, но секој фудбалер кој ќе добие шанса ќе треба да ја искористи.

  • Во дилема сме јас и стручниот штаб околу ротацијата во составот но без разлика кој ќе истрча на теренот ќе мора да даде максимум и да се бори до крај за поволен резултат. Дел од играчите се уморни, дел се жалат на повреди и тренираат одвоено, но ќе ги одбереме оние кој јас и стручниот штаб мислиме дека се подготвени за настап. Нам сите мисли ни се насочени кон првенството и собирањето на бодови, но никако не смееме да се предадаме и да ги разочараме нашите навивачи и симпатизери. – рече Толески.

Охрид, резултатски се консолидираше и излезе од кризата. Екипата пружи неколку солидни претстави и најави дека го нема кажано последниот збор.

  • Фудбалерите и екипата имаат многу поголем капацитет и потенцијал отколку резултатски што го гледаме моментално. Играта е на задоволително ниво со можност за многу подобрување а истото го мислам и од резултатите. Мене лично и на сите во екипата многу ни е криво шот изгубивме во Кичево во натпревар во кој можам да кажам дека бевме подобар противник. Работиме напорно да ги остраниме сите недостатоци и полека да почнеме да играме добро и да победуваме. – додаде Толески.

За Охрид и Лабуништа ова ќе биде трета пресметка оваа сезона. Во првата во Купот, Лабуништа славеше со 2-0 а во второлигашката конкуренција во Охрид заврши без победник 0-0.

Локалното дерби во 1/8 финалето ќе го суди искусниот арбитар Петар Мантев од Неготино.

OhridNews