Независниот кандидат за градоначалник на Охрид Гоце Цветкоски има завршено електричен инжинеринг и програмирање, како и менаџмент и бизнис администрација при Феникс универзитетот во САД. Работното искуство го стекнува како вработен во продажба во Слајс -Охрид Македонија, менаџер на сметки и продажба, консултант во Акенбаум институт за маркетинг во Њујорк, САД, во интернационална продажба и извоз на вино во Њу Џерси САД, Мак-интернационал, маркетинг и промоција, административна поддршка, надзор и планирање. Цветкоски учествуваше во изборниот процес за градоначалник како кандидат од ТМРО во 2021 година.

Цветкоски ja открива својата визија за Охрид, приоритетите и насоките на развој на општината која во иднина ја гледа како посакувано место за живеење.

ON: Како гледате на Охрид сега и како го гледате Охрид во иднина?

Цветкоски:

Охрид е убав, ама запуштен град – со многу потенцијал, а со малку вистинска грижа од корумпираните кои не владеат повеќе од 30 години, заштитен од УНЕСКО, но не и од нивната корупција. Се живее тешко, бидејќи преку лето, а речиси и преку цела година, цените се многу повисоки од другите градови, и нема владеење на законот и правото. Тоа најмногу ги погодува обичните Охриѓани. Затоа треба стратегија и вистинско решение за да се врати рамнотежата.

Во иднина го гледам Охрид како македонски чист, зелен и уреден – со средени улици, здрава средина и повеќе шанси за просперитет и напредок. Ќе се рециклира сето ѓубре, вклучително и она во Буково и Мауцкер, од тоа ѓубре ќе се произведуваат пластични плочки и струја на еколошки начин и без издувни гасови. Ќе се формира стручно советодавно тело кое ќе им помага на сите што сакаат да започнат свој бизнис, со кратки едукации за законските обврски и практични совети. Така секој што сака чесно да работи ќе знае како да почне. До ден денешен ништо не е направено за да му се помогне на секој што сака да има свој бизнис. Ќе има и обуки за започнување свои приватни бизниси, промоција на локални брендови, автентични македонски производи и искуство на посетителите. Ќе има ред, одговорност и грижа за здравјето и одговорност во работата на сите јавни претпријатија. А ќе воведам и мораториум на градба – доста е локална урбана мафија, се наруши климата и духот на градот.

ON: Кои се приоритетните проекти во ваша програма за претстојните локални избори?

Цветкоски: Прв приоритет – е транспарентност во работењето на општината, да се знае за што влегле пари и за што се потрошиле.

Втор приоритет – инфраструктурата: Ќе има чиста и безбедна вода. Ќе се заменат сите азбестни цевки во водоводот, затоа што тие се опасност по здравјето и го зголемуваат ризикот од болести. Атмосферска канализација онаму каде нема, улиците да се осветлат и асфалтираат, без разлика дали е центар или периферија. Стационар за бездомни кучиња, катни гаражи и т.н по ваш предлог за решение на одреден проблем.

Трето – одржлив на долг рок туризам и економија: да има работа преку цела година, а не само во сезона. Ќе се вклучат стручни експерти од сите области кои ќе даваат насоки за развој. Секој граѓанин ќе може да предложи идеја и да биде награден за својот придонес – како натпревар во идеи за подобар Охрид.

Четврт приоритет- спојување на сите јавни претпријатија во едно за целосна контрола, во кое ќе работат доволно  работници  за  решавање на на проблемите. Со тоа се намалуваат непотребни трошоци за 5 директори, 5 заменици, 5 секретари и премногу шефови. Треба едно сметководство значи реорганизација за функционално работењ и се ќе биде во дигитална форма, со слободен  пристап на сите информации на веб страна.

Ќе организирам неделни трибини со граѓаните во општинската сала – лице в лице со експерти, заедно да се решаваат проблемите. И најважно – целосна транспарентност: секој граѓанин да знае каде оди секој денар од буџетот.

ОN: Што планирате во насока на зачувување на статусот во УНЕСКО, заштитата на животната средина, туризмот и економскиот развој на градот?

Цветкоски: Ќе се стави крај на бесправната градба и урбаната мафија. Ќе се воведе ред во урбанизмот, со стручен тим од архитекти што ќе ја водат идната визија на градот. Ќе се заштити езерото, ќе се инвестира во еко-туризам и чиста комунална инфраструктура. Статусот на Охрид во УНЕСКО не е само чест – тоа е обврска. Ќе се почитуваат сите стандарди и закони. Со паметно планирање, Охрид може да стане пример за чист, зелен и модерен град – кој живее во склад со природата и вредностите по кои е познат низ целиот свет.

Туризмот во Охридскиот регион мора да биде одржлив на долг рок. А тоа е можно преку подобрување на искуството на посетителите, воедно и зголемување на бенифициите на локалната заедница и вработените во угостителскиот сектор(поголеми плати +20% бакшиш за добра услуга). Развитокот на одржлив туризам преку зачувување на културното и природно наследство со помош на строги правила за урбанизација и екологија, но досега владеењето на законот е суштинскиот проблем со езерото. Заштита на езерото е можна преку разни иницијативи за третирање на отпадни води и материјали, со заштита на Билјанини извори со изградба на соодветна марина за паркирање бродови и чамци. Со лимитирање на прекумерен број на туристи во екот на сезоната. Со разновидност во туристичката понуда, културен туризам- дигитална реконструкција на стариот град, интерактивни музеи, религиозен туризам, еко и авантуристички туризам како параглајдертво, кајак, планински пешачки патеки, велосипедизам низ националниот парк, развиток на еко кампови, уметнички кампови и работилници.

Гастрономски туризам со традиционални македонски јадења, часови по готвење, танци и музика, рибарство, вински туризам. Зимски туризам преку развиток на ски центар, спа или центри за здравје. Преку подобрување на инфраструктурата и услугите како транспорт и сместување, дигитална застапеност и повеќе јазични веб страни, карти и настани, алатки за резервација во тие настани. Промоција преку социјални медиуми и влогери. Преку вклучување на локалната заедница со локални понуди, домашни сместувања, локални сувенири и уметнички дела, автентични искуства преку музика, ора, митологија и т.н. Преку брендирање и маркетинг, Охрид не само како плажа, туку како духовен, културен центар со настани преку целата година и партнерства за паметен туризам. Да го преставиме Охрид како место каде времето спие на бреговите од светото езеро.

ON: Вашата порака до избирачите?

Народот плаќа – тие уживаат! Доста е, не сме банкомат за партиски паразити! Во оваа земја, секој ден слушаме едно исто — „нема пари“. Нема за пензии, нема за лекови, нема за земјоделци, нема за деца во училиште, нема за болници, нема за живот. Ама има — и тоа колку има! — кога треба да се напумпаат партиските каси и џебовите на тие што се вртат по владини фотелји како музички кукли си делат милиони евра од нашиот џеб. Тоа значи дека додека народот брои денови до следната плата или пензија, тие бројат евра на сметките.

И не зборуваме за ситница — зборуваме за милиони што секоја година им се слеваат од буџетот, и ги крадат истите без отчет, без срам, без морал. Народот плаќа, а тие уживаат — службени возила, ручеци, реклами, спотови со насмеани лица и лажни ветувања. Сè тоа платено од наши пари. И секој изборен циклус истата приказна: шминка, сценарио, спотови, билборди — додека реалноста мириса на сиромаштија, неправда и безнадежност. Триесет и четири години – иста шема! Исти актери, исти зборови, истата глума. Додека народот се бори за парче леб, тие глумат спасители пред избори, па повторно ја забораваат реалноста штом седнат во фотелјите.

Каде се отчетите? Каде се бројките? Каде е моралот? Тие што треба да бидат пример за отчетност – први се што ја избегнуваат! Наместо да дадат пример на работа, скромност и одговорност – тие се претворија во најскапото расипничко друштво во државата. А народот, изморен, излажан и исцеден – им служи како банкомат. Секој месец, секој ден, преку даноци, акцизи, патарини, поскапи струја, леб и гориво — ги полниме нивните сметки. И додека тие си го уживаат „животот за народот“, народот нема живот за себе. Но, доаѓа момент кога мора да се каже: ДОСТА Е! Не сме банкомат! Не сме бројки за заокружување! Ова не е демократија, ова е циркус на сметка на народот. Ако не се промени начинот на кој се финансираат и контролираат никогаш нема да имаме ниту чесна политика, ниту вистинска држава.

Затоа, народе, отвори очи! Не дозволувај да те купуваат со празни ветувања и шминкани клипови. Прашај ги каде се парите, колку земаат, што направиле со тоа што им го дале граѓаните. Барај отчет — затоа што тоа се твоите пари, не нивни! Нема повеќе да им дозволиме да живеат на наш грб додека ни продаваат приказни за „љубов кон татковината“. Време е политичарите да почувствуваат што значи вистинска одговорност. Време е народот да се обедини и да каже: доста е од паразити! Сакаме администрација што ќе работи за народот, не за партиските елити. Сакаме ред, отчет, правда и достоинство. Зашто оваа земја не е нивна приватна фирма — ова е наш дом, платен со пот, со мака и со трпение на генерации.

Н.С.Ј.