Беше избран за најдобар фудбалер во футсал за 2010 г., ја освои двојната круна со Железарец и е незаменлива алка во Македонската репрезентација во футсал. Година што нема лесно да ја заборави охриѓанецот Левески кој живее и работи во Скопје.

Годината што помина беше брилијанта за мене, се закитивме со двојна круна , и се пласиравме во најдобрите 32 во Лигата на Шампиони. Со репрезентацијата имавме одлична серија без пораз. На крајот следуваше “шлагот на тортата“, наградата на ФФМ за најдобар фудбалер во футсал која по втор пат завршува во моите раце.


Кој спортски настан и личност според вас ја одбележа годината што изминува? – Спортски настани имаше повеќе, а личност на годинава дефинитивно е Горан Пандев. Македонецот во дресот на Интер постигна нешто што можат да му завидат и големите мајстори во фудбалската игра освојувајки пет титули, згора на тоа стрелаше прецизно во финалето на Светското клупско првенство.

Како ги оценувате состојбите во спортот кај нас, Охрид, Македонија? – Жално е да кажам дека фудбалот во Македонија тапка во место посебно “големиот“. Работите во мојот град Охрид тргнаа на подобро, колку што имам време редовно ја гледам табелата и се интересирам како завршиле натпреварите на охридските екипи. Ме радува фактот дека ФК Охрид ’04 е есенски првак, додека Охрид Лоте е солиден и се држи цврсто на средината на табелата. Но не треба да се престанува да се вложува труд и финансии во фудбалот.


Кој спортист според вас ја одбележа оваа година во Охрид? – Редовно го посетувам и се информирам преку  ohridnews за сите актуелности во градот. Зачуден останав кога прочитав дека во Охрид неколку години во низа  не се избира спортист на годината. Навистина жално.

 Дали мисилите дека го следиме чекорот со светските збиднувања? – Овде ќе бидам категоричен и суров, и ќе речам големо НЕ. Македонија има една голема маана што секаде ја кажувам, нам ни фалат  спортски работници и стручњаци кои ќе го водат спортот во правилна насока, а со добра финансиска “инекција“ ќе ги рушиме досегашните бариери.


Што му недостига на Охрид, да прерасне во спортски центар? – Многу време сум потрошил на ова прашање и сум разговарал со познати бизнисмени ширум Македонија.  На Охрид му недостига еден спортски комплекс каков што е  “Хотел Истатов“ во Дојран. Комплексот да биде сместен на “Билјанини Извори“ меѓу двете “помошни“ игралишта.  Доаѓам во Охрид по неколку месеци минати ширум Европа низ разни тренинг центри одигрувајќи натпревари. Овде наидувам на прекрасно време , но нема услови да одржиш тренинг на завидно ниво.

Размислуваш да заминеш надвор од државата и да ја продолжиш интернационалната кариера ?

Во “малиот“ фудбал просперирам мошне добро,  се заработува, што многу луѓе остануваат зачудени. Доволен е фактот што по шест месеци минати во Романија и две години во Србија се одлучив да се вратам од на “печалба“ за повторно да заиграм во Македонија.  Во секое време имам од 3 до 5 понуди да ја продолжам интернационалната кариера. Но одличните услови во Железарец како и уште некои пропратни работи  ме “врзуваат“ да останам во Македонија.


Што очекувате од наредната 2011 година ? – Кон крајот на јануари (20-25) ни престојат квалификациите за Европското првенство со Македонската репрезентација во Футсалм каде сме во група со Англија, Грузија и Естонија и посакувам конечно да ја поминиме првата прелиминарна фаза. На клупски план сакам да го повториме успехот со Железарец, да ја одбраниме двојната круна,  а во Лигата на Шампиони да “истуркаме“ што е можно подалеку.

Михаил Постоловски