За промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија во текот на 2016 година, планирано е да се потрошат над 3,3 милиони евра или точно 205.950.000 денари.

Во годишната програма на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот околу 2,2 милиони евра односно 136 милиони денари се распределни во делот за субвенции на странскиот туристички промет, кои се наменети за туроператорите и туристичките агенции.

За подготвување, печатење и дистрибуција на промотивен материјал наменети се 5 милиони денари.

-Ќе се направи подготовка, печатење и дистрибуција на печатен промотивен материјал, 6 брошури со разни тематски содржини: „Природа и авантура“, „Традиција и настани“, „Рурални убавини“, „Лов и риболов“, „Археолошка историја и култура“ и „Вино и храна“. Тие ќе бидат испечатени на квалитетен материјал подготвен на 11 странски јазици и тоа: англиски, француски, германски, италијански, шпански, јапонски, руски, турски, бугарски, српски и албански јазик. Покрај брошурите ќе бидат подготвени и водичи, мапи, карти и друг ситен промотивен материјал, се појаснува во Програмата за 2016 година.

Според планираното АППТ годинава ќе ја промовира Македонија на 20-тина светски туристички сами, за што ќе потроши вкупно 22 милиони денари.

-Планирано е учество на  меѓународните саеми во Утрехт, Истанбул, Брисел, Софија, Белград, Љубљана, Будимпешта, Берлин, Москва, Лондон, Хелсинки, Токио, Римини, Мадрид, Париз, Варшава, Келн, Женева, Ниш, Скопје и други согласно потребите и барањата од туристичкото стопанство и Владата на Република Македонија, пишува во Програмата за 2016 година.

Според плановите, 4,5 милиони денари ќе бидат наменети за организирање на презентации и средби со странски туроператори и организирање на денови на македонскиот туризам во странство, како и за организирање на информативни патувања во Република Македонија за странски туроператори и новинари. За билборд кампањи, реклами во печетени медиуми, електронска промоција и телевизиски кампањи во Србија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Косово, Франција, Англија, Белгија, Полска, Чешка, Австрија и Германија планирани се 13 милиони денари.

Во програмата пишува дека годинава ќе биде изработен Туристички слоган за Македонија кој е тренд во туристичката индустрија. Слоганот ќе биде избран по пат на конкурс и има за цел да го надополни македонскиот туристички бренд и да ја комплетира целосната слика на брендирање на туризмот. За оваа намена ќе бидат потрошени 150.000 денари.

Во делот на Поддршката на туризмот и подобрување на туристичките услови, годинава е планирано да бидат реализирани 10-тина наменски проекти кои ќе чинат околу 170 илјади евра или вкупно 10.949.000 денари.

OhridNews