Најмалку 5.000 пензионери годинава ќе можат да ја искористат можноста за бесплатен престој на бања, информираше денеска на прес конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

„Периодот во кој пензионерите ќе може да ја користат оваа бесплатна услуга е во интервалот од месец март до месец ноември 2015 година. Престојот ќе биде овозможен во рамките на четири бањи на територијата на Република Македонија, и тоа во Катланово, во Дебар, во Гевгелија и во Бања Бањско. Пензионерите кои ќе се здобијат со право на користење на услугата оваа година ќе може да користат: шест полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, здравствен преглед и превоз. За овој проект во Буџетот се веќе обезбедени и ќе бидат искористени 38 милиони денари“, рече Ѓорѓиев.

Тој додаде дека најдоцна до крајот на јануари, Министерот за труд и социјална политика треба да објави официјален оглас за проектот, на кој ќе може да аплицираат пензионерите кои се заинтересирани да ја користат оваа услуга.

 „Она што е карактеристично да се истакне за овој оглас, е дека во рамките на опфатот, покрај тоа што ќе бидат опфатени сите пензионери, своевиден приоритет ќе биде даден на пензионерите кои во текот на својот работен стаж работеле во рудници, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок степен на општа неспособност за работа, но како што кажав на почетокот ќе бидат опфатени пензионери од сите категории“, појасни Ѓорѓиев.

Во овие четири години откога се започна со реализација на овој проект 27.430 пензионери ја искористиле ова можност и имале бесплатен престој на бања.

OhridNews

Извор:„Макфакс“