Граѓаните заклучно со ноември лани се задолжиле кај банките 891 милион евра за потрошувачки кредити, но од почетокот на годинава шансите за вакви заеми се поограничени, со оглед на мерките што ги воведе централната банка, пишува „Утрински Весник“.

Најновите податоци на Народна банка на Македонија покажуваат дека само во ноември лани порастот бил 10 милиони евра. Додека, пак, вкупно во првите 11 месеци од минатата година потрошувачките кредити пораснале за дури 127 милиони евра, со оглед што претходната година долгот по овој основ изнесувал околу 764 милиони евра. Ова покажува дека населението во последниов период најмногу влегува во долгови кон банките со крајна цел – потрошувачка.

На крајот на минатата година тоа беше причина да се вклучи црвеното светло кај монетарната власт, која, стравувајќи да не дојде до прегревање, одлучи да преземе мерки со кои ќе се ограничи понудата на овој тип кредити. Односно, нив да можат да ги земаат само баратели кои сигурно можат да ги враќаат позајмените средства.

Со новите мерки на НБМ се очекува дека ќе се намали „притисокот“ врз потрошувачките кредити, но и на минусните салда и на кредитните картички. Но, банкарите од земјава децидно тврдат дека каматните стапки на потрошувачките кредити нема да се зголемуваат.

Според банкарите, и кредитните картички и минусните салда на тековните сметки, во суштина се сведуваат на потрошувачки кредити. Кај нив е можно да се очекува намалување на салдата, односно да се намали сумата на која ќе биде дозволено да се оди во минус. Причината за мерките, според централната банка, е да се ограничат потенцијалните ризици од забрзаниот раст на долгорочните потрошувачки кредити, односно врз нив да се влијае превентивно.

По основ на минуси по основ на тековните сметки, пак, долгот на граѓаните вкупно кон банките тежел близу 100 милиони евра, речиси идентично колку и во октомври минатата година. Инаку, кредитните картички и минусните салда на тековните сметки се убедливо најскапиот тип на кредитирање, со оглед што кај нив се највисоки кредитните стапки.

Една од целите што сака да ги постигне централната банка со новите мерки, пак, е да се намалат потрошувачките кредити, а за сметка на тоа да се зголемат заемите кон компаниите, како и станбените, со цел на тој начин да се поттикне економскиот развој на државата.

OhridNews
Извор:„Утрински Весник“