Љубителите на театарската уметност од Охрид, во текот на 2016 година ќе имаат можност да погледнат три театарски премиери, кои ќе ги подготви и изведе актерскиот ансамбл на охридскиот Народен театар.
Според Годишната програма на Министерството за култура за 2016 година, која беше објавена деновиве, ќе бидат одобрени средства за реализирање на претставите „Господинот благородник“ од авторот Молиер во режија на Дејана Николовска и „Дениција“ од авторот Петре М. Андреевски во режија на Kонстантин Плевнеш. Охридскиот театар во текот на оваа година ќе ја подготви и театарската претстава „Парламентарки“ на автор Аристофан во режија Ненад Витанов.
Инаку во текот на изминатата година охридските актери премиерно ги изведоа претставите „Стари времиња“ од Харолд Пинтер во режија на Нела Витошевиќ, „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска како и детските претстави „Свињарот“ и „Музичка Енциклопедија“ во режија на Ѓорѓи Ризески.
OhridNews