52-то миздание на фестивалот Охридско лето, кој завршува вечерва, е едно од најуспешните во фестивалската историја, оценија организаторите.

-Реализиравме богата уметничка програма без ниту едно откажување, се покажавме како добри домаќини пред околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 14 земји: Русија, Италија, Англија, Турција, Албанија, Германија, Кипар, Франција, Полска, Шпанија, Хрварска, Белгија, Шведска и Македонија. Оваа година, на наше задоволство, на сите учесници независно дали се домашни или меѓународни, им понудивме исти услови и обезбедивме соодветен третман, достоен на врвните уметнички имиња учесници  на фестивалот Охридско лето. Секоја вечер, секој настан се одржуваше пред полни трибини, задоволна публика, во знакот на  беспрекорна сценско-техничка организација. Тоа ми дава за право да речам, Охридско лето 2012 е едно од најуспешните изданија, основа од која ќе ги градиме следните кои ќе бидат скалило погоре во однос на квалитетот.-истакна директорката на „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска.

Задоволство од реализираната програма искажа и музичкиот селектор Гордана Јосифова Неделкоска, која ги потенцираше настаните кои предизвикаа овации и воодушевување на сцените во и пред Св. Софија и на Античкиот театар.

– Бурната реакција на публиката, благодарноста и радоста на нивните лица, долгите стоечки овации беа одлика на секој завршен концерт. На таквата реакција, уметниците се оддолжуваа со голема воодушевеност и со неколку биса, што не прави задоволни и горди од сработеното. Она што посебно ми значи, од стручна гледна точка, е високата оценка на странските уметници, гости на фестивалот,  кои севкупната фестивалска програма ја вреднуваат како светско собиралиште на врвни уметници, и тоа само во едно фестивалско издание, рече Јосифова Неделкоска.

Во драмскиот дел беа изведени пет премиери и неколку преизведби кои ги проследи многубројна публика.

– Она што беше евидентно на сите театарски претстави без исклучок беа преполните сали со домашна и оваа година, во многу поголем број од претходните години, странска публика и вкупно театарската програма ја погледнаа околу 5000 гледачи, вљубеници на театарската уметност. Најзначајно од се е што програмата беше во целост реализирана, учесниците на Фестивалот заминаа со големо воодушевување од организацијата на Фестивалот, убавината на Охрид и гостопримливоста на домаќините со желба повторно да бидат дел од Охридско лето а гледачите со овации ги испраќаа изведувачите, истакна драмскиот селектор Ѓорѓи Јолески.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска истакна дека Владата и Министерството и понатаму на секој можен начин ќе го поддржуваат Фестивалот.

– Се трудиме кон рамномерен пристап и вреднување на секоја од нејзините области. Сето она што е квалитетно и од национален интерес во делот на културата ќе биде како и досега поддржано. Голема е поддршката на Владата, како преку инвестирање во програмски содржини, проекти и манифестации, така и во инвестициите насочени кон подобри услови за македонските уметници, рече министерката, изразувајќи задоволство што се зголемува бројот млади луѓе кои се заинтересирани за културните содржини што ги нудат манифестациите како „Охридско лето“.-рече министерката за култура.

52-то издание позитивно го оцени и претседателот на Управниот одбор на фестивалот Зоран Вељаноски.

OhridNews