Над 100 членови на културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, играорци, музичари, пеачи, актери… ќе бидат дел од годишниот концерт насловен „Ехо од истокот“ кој ќе се одржи во петок, 23 мај, во Домот на културата во Вевчани.

Претседателот на друштвото Тоше Чочороски вели на програмата се песни и ора од источното играорно подрачје, за што побарале и помош од експерти во областа.

Точките ќе се изведат во оригинални носии автентични за регионот, ќе се свират на оригинални инструменти и дијалектички ќе се користат песни од источна Македонија. Вклучените во програмата на професионален начин ќе ја презентираат предвидената годинашна програма. Гости на концертот ќе бидат учениците од насоката за народни инструменти од средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ од Штип. Ќе настапат со нивни соло точки, како и заедничка со Дримколци, истакнува Чочороски.

Потенцира дека се води сметка за се она што ќе биде презентирано да биде достојно и пристојно, односно да биде верно на оригиналот и затоа користат стручни соработници.

На репертоарот е „Копачката“, заштитено оро во УНЕСКО, а за достојна адаптација и презентација ја повикавме претседателката на здружението „Копачка“ заедно со нејзин тим да ја постави во оригинална форма кај нас. Потоа следуваат две сценски адаптации од овчеполието и од беровско, поставени од етнокорелогот Филип Арилон, една кореографија поставена од кореографот Јовица Блажевски и секако некои од ората се поставени од наши членови, вели претседателот на „Дримкол“.

Годишните концерти се многу значајни, посочува Чочороски, што се покажува и низ заложбите изминатите 20 години да се презентираат тематски настапи, нешто ново и поразлично од претходната.

Секоја година се трудиме годишниот концерт да е подобар од претходниот. Водиме сметка да презентираме нешто ново, поразлично од претходните години, да биде новина за нашата публика пред се во Вевчани, а но и за оние кои не следат, додава Чочороски.

Низ годините актуелни и прилагодени теми биле: „Едно видување, еден век“, „Не играј со телефонот мамо, играј со мене“, „Македонска свадба“… Минтата година се одржал концерт со песни и ора од Југозападното играорно подрачје, а по годинашниот со источното, за идната година во најава е нов географски предел од државата.

OhridNews