Фрмите кои во текот на 2011 година вршеле исплата на приходи на физички лица треба да достават годишен извештај до Управата за јавни приходи.

Крајниот рок за фирмите е  15 февруари, при што обврзани да поднесат годишен извештај се сите правни лица, трговец-поединец, занаетчија, лица кои вршат слободни занимања и други.
Фирмите во годишниот извештај треба да ги пријават бруто-приходите на обврзниците, платениот персонален данок на доход и придонесите, како и вкупно исплатените нето-приходи во изминатата година по основ на лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнина), добивките од игри на среќа и други наградни игри и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка.

Фирмите кои вршеле исплати по овие основи на граѓанинот задолжително треба да му издадат збирна пресметка за исплатените приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2011 година. Издавањето збирна пресметка е законска обврска на исплатувачот на приход, врз основа на која граѓанинот, како обврзник на персоналниот данок на доход, ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во годишната даночна пријава.

Доколку до 15 февруари компаниите не поднесат годишен извештај за исплатените приходи, и на граѓанинот не му издадат збирна пресметка за 2011 година, предвидена е глоба од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност, а за направениот прекршок на одговорното лице на фирмата ќе му биде изречена глоба во износ од 750 евра во денарска противвредност.

OhridNews