Деновиве градот го преплавија брошури во кои градоначалникот Никола Бакрачески гордо потенцира што наводно сработил во изминатиот период. Неговите истомисленици и подржувачи се потрудија отчетот да го презентираат речиси во секој дом, а ние се’ уште не можеме да се изначудиме на што се должи нивната гордост. Во отчетот граѓаните требаше да видат и да чујат што конкретно е сработено во изминатиот период, а не повторно за нереални и неостварливи планови за иднината, рече на денешната прес конференција Христина Гогоска, од Општинската организација на СДСМ Охрид.
Гогоска обвини дека планираните проекти на градоначалникот Бакрачески се идентични со оние на неговиот претходник, кој не можел да ги започне поради опструкции од централанта власт.
„Велите: „Затворен зелен пазар со шопинг-центар, улично осветлување со лед-технологија и затворен олимписки базен се покрупни проекти кои општината Охрид ќе ги започне оваа година“, но притоа не кажувате дека сето тоа планирате да го правите со јавно-приватно партнерство, односно на истиот начин како што тоа го планираше вашиот претходник, кој од вашата партија беше најмногу критикуван токму поради тоа.“ – рече Гогоска.
Гогоска се осврна и на проектите најавени од охридскиот градоначалник, меѓу кои идејните решенија за изградба на скијачки центар на Галичица, кои според неа се изработувале и во минатото. Исто така, таа потенцира дека Бакрачески собира дневно-политички поени на сметка на хуманите гестови како реновирање на опожарена зграда, доделувањето хуманитарни пакети и помош на хендикапираните лица.
„Велите: „Охрид оваа година ќе биде едно големо градилиште“, а во градбите не ги спомнувате УП кои предвидуваат згради со П+5+ПО спратови во центарот на градот . И вие г-дине градоначалник во вашиот мандат ќе вршите забрзана урбанизација на градот затоа што граѓаните имаат потреба од истото, а Вашата изборна кампања најголеми поени добиваше на критиките упатени на сметка на претходниот градоначалник токму на темата урбанизација. Стрелката на влезот од градот кај клучката и дислокацијата на макетата од охридската куќа – тоа за Вас претставува некаков проект?“ – потенцира Гогоска.
Таа додаде дека Бакрачески во својот отчет се фали со расчитесните улици и паркови, кои треба да бидат секојдневна тековна работа на јавните претпријатија.
„Вие како да не живеевте до сега овде и како не знаете дека Охрид пред вашето доаѓање беше најчистиот град во Македонија. Тогаш, навистина не‘ чуди што во вашиот отчет не ги споменувате запрашувањето од комарци и хлорирањето на водата?! Велите: „Оваа локална самоуправа ги почитува препораките на државниот ревизор, па затоа, на иницијатива на градоначалникот Бакрачески, беше донесен акциски план со цел да се надмине состојбата на финансиска нестабилност.“ Дали во акциониот план ги имате внесено мерките на заплашување на фирмите, кои побаруваат пари од општината, истите да ги отпишат целосно или делумно во делот на побарување на камати. Дали за класични изнудувачки и заканувачки мерки зборувате Вие? И кога еднаш, конечно, ќе излезете во јавност со прецизна спецификација за тоа кога, во кој период и од кого се направени долговите што ги има општината? До кога целата кривица неосновано ќе ја фрлате само врз претхнодната градска власт?“ – рече Гогоска.
Меѓудругото, Гогоска рече дека градоначалникот како своја заслуга го препишал отворениот базен на спортскиот центар „Билјанини Извори“, кој како што рече таа, е отворен летото 2012 година.
„За иронијата да продолжи и да биде уште поголема во областа на спортот, се промени името на РК Охрид 2011 во РК Охрид 2013, само за да се прикаже дека и неговото формирање започнало со доаѓањето на новата градска власт.Сево ова е само капка во морето на невистините и обидите за манипулации со јавноста во отчетот за сработеното. Ние и понатаму ќе продолжиме да ја известуваме јавноста за ветените а нереализираните проекти, кои, за жал, ги има премногу, за да можат да бидат опфатени само со една прес конференција.“ – рече Гогоска.
OhridNews