Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ стигна и до третиот свој трофеј во четвртото финале на Вимблдон, откако во дуелот на тениските титани славеше против Роже Федерер во четири сета со 7-6(7-1), 6-7(10-12),6-4, 6-3.
Во пресметката на најдобрите тенисери на денешницата, Ѓоковиќ сосема заслужено стигна до триумфот комплетно надигрувајќи го Федерер кој единствено што успеа е барем да освои еден сет, притоа не успевајќи да дојде до осмиот трофеј во десеттото финале на Вимблдон.
Српскиот и швајцарскиот тенисер го играа 40-то меѓусебен јубилеен дуел, при што Ѓоковиќ со оваа победа успеа да го израмни резултатот во победи на 20-20. Во 13-от, пак, дуел на Гренслем турнирите Новак стигна до својата седма победа против Федерер.
Новак Ѓоковиќ можеше и многу полесно да дојде до победата во финалето на Вимблдон, и одбрана на минатогодишната титула, но во вториот сет не успеа да искористи седум сет топки. Сепак, тоа не го разниша неговиот ритам, па во третиот и во четвртиот сет со целосна доминација комплетно го надигра противникот за сосема заслужена конечна победа потврдувајќи дека во моментов е едноставно најдобриот во светскиот тенис.
Српскиот тенисер, на тој начин, го повтори успехот од 2011 и од минатата година, а освојувајќи го вкупно деветтиот Гренслем трофеј.
„Екипа.мк“
Ohridnews