Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ од наредната недела, првпат по една деценија, нема да биде меѓу најдобрите четворица на АТП-листата.
Србинот во моментот се наоѓа на четвртото место на АТП-листата со 6.325 бода, но ќе остане без 1.000 бода бидејќи нема да ја брани титулата на мастерсот во Монтреал (Роџерс-куп).
Од неговите ривали што се при врвот бодови ќе загуби само Стан Вавринка (360), но Швајцарецот не може да го мине Ѓоковиќ на листата.
Првите тројца – Енди Мареј, Рафаел Надал и Роџер Федерер – ќе останат на бодовите што ги освоија на Вимблдон бидејќи тие минатата година не играа на Роџерс-купот.
Новак Ѓоковиќ поради повреда го пропушта овој мастерс, извесно е дека нема да игра ниту на САД опен, каде што лани играше во финалето, а според шпекулациите, тој поради повредата, нема повеќе да игра до крајот на сезоната.
Ѓоковиќ последен пат не бил меѓу најдобрите четворица во светот на 25 јуни 2007 година, кога се наоѓаше на петтата позиција на АТП-листата.
OhridNews