Екипата на Арсенал ги освои трите бодови на „Селхурст Парк“ совладувајќи го Кристал Палас со 3-2 во последниот меч од 20-та рунда во Премиер лигата. Двата тима одиграа добар и возбудлив натпревар, а бодовите сосема заслужено заминаа на контото од Арсенал.

Токму гостите го направија првиот чекор кон целиот плен, откако Шкодран Мустафи погоди за 1-0, резултат со кој се замина на одмор.

Во второто полувреме домаќините ги вратија работите на почеток после изедначувачкиот погодок на Андрос Таузенд. Ново водство (2-1) за „топчиите“ донесе Алексис Санчез, а истиот фудбалер погоди уште еднаш за дуплирање на предноста.

Да биде финишот интересен се погрижи Џејмс Томкинс кој намали на 2-3, а домаќините во судиското продолжение имаа шанса од корнер, но не го загрозија голот на гостите. 

Арсенал со трите бодови се изедначи на табелата со Тотенхем кој 37 бодови и се наоѓа на шестата позиција.

OhridNews