Над 250 охриѓани се обратиле до претставниците на републичката Агенција за катастар на недвижнини, кои предводени од директорот Љупчо Георгиевски, веќе четири дена во подрачното одделение на агенцијата во Охрид ги слушаат поплаките и забелешките на граѓаните.

Како што информираат од агенцијата, најголемиот дел од поплаките, околу 80% се однесувале на предмети од областа на урбанизмот и нерешени имотно- правни односи, за што од страна на претставниците од агенцијата им биле давани насоки на граѓаните во кои одделенија треба да се обратат со цел решавање на предметот.


Само 20 % од предметите за кои граѓаните се обратиле се однесувале на проблеми од областа на катастарот, при што дел од нив, согласно законските прописи, претставниците од агенцијата од Скопје веднаш ги решиле. 

Средбите со граѓаните со стручните тимови на катастарот се одржуваат веќе петта година по ред. Како што напоменуваат од Агенцијата за катастар на недвижности, годинава се започнало во Охрид, затоа што претходно извршените интерни контроли укажале дека најголем проблеми има во охридскиот катастар.

Со одржување на средбите со граѓаните почнавме во Охрид поради сознанијата за голем број проблеми. Затоа и одлучивме овде да останеме подолго одколку во било кој друг град во земјава, вклучувајќи го и Скопје, иако таму има многу поголем број жители, велат од Агенцијата.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижнини, Љупчо Георгиевски, изјави дека подрачното одделение при Агенцијата за катастар на недвижнини во Охрид е едно од најпроблематичните во земјава.

– Најдени се над сто нерешени предмети  во различни фиоки во канцелариите при подрачното одделение на катастарот. Поради тоа беа и сеуште се превземаат строги санкции, дисципплински постапки, дури и отпуштања од работа. Проблемите во Охрид сметам дека освен што се должат на неажурноста на вработените,  дел се и поради усмерувањето на граѓаните во погрешен правец при поднесувањето на барањата, рече Георгиевски.

Тој потенцира дека проблемите во одделението во Охрид во голема мера ќе бидат решени со скорото стартување на електронскиот катастар, што освен олеснување за граѓаните, ќе овозможи и поголема контрола врз работењето на вработените.

OhridNews