Денеска во Охрид, успешно заврши уште една хуманитарна акција, во која беа доделени повеќе од 100 пакети  наменети за социјално загрозените семејства од градот. Членовите на Ротари и Ротаркт клубот од Охрид, во соработка со Црвениот крст, уште еднаш го покажаа својот хуман дух, продолжувајќи ја традицијата на помагање на најранливата категорија граѓани.

Според претседателот на Ротари клубот Охрид, Владо Павловски, акцијата претставува само мал придонес кон оние на кои им е потребна помош.

Оваа акција која успешно се спроведува втора година по ред, ја сфаќаме како потреба да им помогнеме на социјално загрозените семејства. Заедно со Ротаркт клубот и со негова голема подршка ги спроведуваме предвидените проекти. Исто така, нашиот клуб одвои скромни финансиски средства во висина од 30 000 денари, со цел да ја олесниме несреќата на семејството од стариот дел на градот, чија куќа неодамна ја проголтаа пламените јазици. “ – вели Павловски.

Охридските ротаријанци активно се вклучени и во акцијата „Месец на отворено срце“, а за периодот кој претстои се најавуваат уште хуманитарни акции.  „Заедно со поширокиот круг на субјетки од градот, вклучени сме во проектот „Месец на отворено срце“ за набавка на специјално возило. За неколку денови ќе приврши и таа акција, а после јануарските празници ќе партиципираме во други хуманитарни проекти.“ – додава Павловски.

Инаку, овие два клубови од градот се препознатливи по големиот број спроведени акции, во кои на еден хуман начин им помагаат на социјално загрозените семејства.

OhridNews