Голем е интересот на охридските земјоделци за аплицирање за обезбедување финансиска помош по најновиот ИПАРД повик.

Како што информираат од Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, Р.Е Охрид, најголем интерес има за набавка на нови трактори и приклучна механизација.

„Зголемениот број на заинтересирани земјоделци е поради тоа што годинава има поволни измени во ИПАРД програмата за набавка на трактори и приклучна механизација. Во тек е соработка со ПроКредит банка и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството за промовирање можостите за руралното кредитирање, согласно владините мерки и програми во земјоделството и руралниот развој(директни плаќања, рурален развој и ИПАРД програма).“ – велат од Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, Р.Е Охрид.

Оттаму ги повикуваат сите заинтересирани земјоделци кои сакаат да набават нови трактори и приклучна механизација преку ИПАРД програмата, да се обратат во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Р.Е. Охрид најдоцна до 17-ти април, до кога трае огласот.

„Ги информираме сите заинтересирани земоделци кои сакаат да набават нови трактори и приклучна механизација преку ИПАРД програмата да дојдат во Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството Р.Е Охрид, да им помогнеме во прибирање на потребната документација и многу важно е да се истакне дека изготвувањето на техничкиот предлог проект го изготвуваме бесплатно.“ – додаваат од Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, Р.Е Охрид.

Инаку, денеска во општинската зграда на селото Белчишта се одржа работилница за можностите кои ги нуди ИПАРД програмата.

OhridNews