Пред голем број пријатели и љубители на уметничката фотографија, вчеравечер, во Културно- информативниот центар „Култура 365“, беше отворена втората по ред самостојна  изложба на стружанката  Славица Панова, насловена „ Боите на ветрот“.


– Како што може ветрот еден лист да однесе, така може и човекот со патувањата да го постигне истото, патот да го однесе на различни дестинации кои ќе бидат забележани со фотографии. Дел од фотографиите на изложбата се направени во Охрид и Струга, а дел  при моето патување во Обединетите арапски емирати, од каде најомилени ми се пустинските мотиви. Тоа што го гледам го забележувам и го пренесувам  за да го видат и другите, вели Панова.


Панова е родена во 1980 година во Струга, а дипломирала на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид . Изработката на фотографии е нејзината пасија години наназад. Првата самостојна изложба на Панова се одржа во 2011 година, во галеријата на Робевци, насловена „Погледи кон невидливото“.

– По дипломирањето вишокот на слободно време го поминував на интернет каде случајно наидов на странски сајтови за фотографија. Ме заинтригираа и  по некое време кај мене се појави желба и самата  да пробам со фотографирање. Потоа се почна да се развива со многу брзо темпо. Почнав да испраќам фотографии на конкурси и да добивам награди, а  по една година ја направив мојата прва самостојна изложба, раскажува Панова за своите почетоци со фотографирањето.


Иако веќе неколку години се занимава со изработка на фотографии за комерцијални цели, Панова потенцира дека за неа најубаво е кога со својот апарат ги забележува случајните моменти на улица и пејсажите.

Посакува да направи уште многу убави фотографии кои наскоро би се нашле на нејзината трета самостојна изложба.  

Т. К.