Голем број охридски семејства, млади брачни парови и поединци кои го немаат решено своето станбено прашање покажаа интерес за презентацијата на проектот „Купи куќа за млади“ која се одржа доцна попладнево во Охрид.

Освен претставниците од Министерството за финансии, пред присутните се обратија и претставници на охридската локална самоуправа, кои посочија дека во Охрид може да се издвојат три групи на граѓани кои ќе се вклучат во рамки на овој проект.

-Во правата група на граѓани спаѓаат оние кои имаат сопствено живеалиште кое што е изградено со одобрение за градба и имаат легализиран објект од п+1, а со измените на законската регулатива кои се очекува да стапат во сила деновиве, овие граѓани ќе имаат можност да ги надградат своите живеалишта. Втората група на граѓани кои се заинтересирани за искористување на бенефитите кои ги нуди проектот „Купи куќа за млади“ имаат сопствено земјиште, но се интересираат околу потребната урбанистичка докумантација со цел да можат да се вклучат во рамки на проектот, рече Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.

Тој истакна дека Секторот за урбанизам при општина Охрид вкложува напори, за оние населени места односно селските средини каде што нема урбанистички планови, да донесе најнизок акт за урбанизирање.

-Тоа е Општ акт за село кој ќе овозможи за многу брзо граѓаните на овие населени места да може да го остварат правото на градење. Можам да информирам дека Општите акти за село се во завршна фаза за населните места Велгошти и Љубаништа, потоа се работи на општ акт за селата Елшани, Коњско и Долно Лакочерај, а наскоро ваков документ ќе биде донесен и за селото Лескоец, рече Спасески.

Според општината, во рамки на третата група на граѓани кои се заинтересирани за учество во проектот „Купи куќа за млади“ се оние граѓани кои немаат сопствено земјиште и се заинтересирани за купување на земјиште кое општината ќе го понуди на продажба.

-Успеавме  за оваа група на граѓани да посочиме три опфати. Првиот опфат е во населеното место „Радојца Новичиќ“ и се протега на површина од 15 хектари. Во завршна фаза сме на носење на Детален урбанистички план за месноста „Вишо“ над селото Долно Лакочерај, која е блиску до градот и со одличен поглед на Охридското Езеро. На тој дел имаме 60 државни плацеви кои ќе бидат објавени за продажба. Согласно податоците, третиот опфат кој планираме да го вклучиме во рамки на проектот е опфатот кој се наоѓа во рурално подрачје во близина на селото Сирула, кој е целосно во државна сопственост, објасни Спасески.

Претставниците на Министерството за финансии појаснија дека има две опции за субвенции кои им се понудени на младите преку овој проект.

-Првата опција предвидува за период од 8 години да се субвенционира 80 отсто од месечната рата- главница и камата, а следните три години да се субвенционираат 50 отсто од месечната рата при што максималниот износ за кредит може да достигне 50.000 евра. Каматната стапка е утврдена за првите пет години – првите три години 3,95%, четвртата и петата година 4,44%. Втората опција е доколку лицето нема доволно средства за учество за да добие станбен кредит тогаш се овозможува 100 отстотно покритие на учеството од страна на Владата кое максимално може да достигне 12.500 евра за кредит од 50.000 евра. Каматната стапка во овој модел е фиксирана на 6-месечен ЕУРИБОР плус 4,5% на годишно ниво за цело времетраење на отплата на кредитот, објаснија претставниците на Министерството за финансии.

За да се аплицира за проектот лицето треба да има до 35 години и на свое име да нема друг стан или куќа, или доколку е во брак ниту еден од брачните другари на свое име да нема стан или куќа. Ако станува збор за лице кое не е во брак, неговите месечни приходи треба да бидат помали од 900 евра, ако пак станува збор за брачен пар приходите треба да бидат помали од 1.300 евра. Проектот е наменет за сите кои сакаат да градат нова куќа, да купат куќа од овластени правни лица или да доградат куќа на постоечко место, на куќата во сопственост на нивните родители и слично.

Е.М