Голем број охридски земјоделци веќе ги поднеле своите барања во рамки на Јавниот повик од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството кој е во тек и кој ќе трае заклучно со 30-ти јуни 2016 година.
Од Подрачното одделение на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Охрид велат дека како и секоја година, така и оваа интересот за овие субвенции е многу голем.
-Се работи за програма која обезбедува неповратни средства за земјоделците и опфаќа низа мерки како што се директни плаќања по обработливи земјоделски површини со градинарски и фуражни култури. Потоа има директни плаќања за одржување на лозови и овошни насади, како и производство на сертифициран семенски и саден материјал. Во сточарското производство имаме директни плаќања за обележани грла говеда, овци и кози, како и субевнции за продадено кравјо, овчо и козјо млеко, вели Билјана Ѓорчевска, Советник за организација во Подрачното одделение на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Охрид.
Таа објаснува дека корисници на оваа мерка може да бидат индвидуални земјоделски производители кои што имаат насадено одредени култури и сите одгледувачи на ситен и крупен добиток.
-Оваа година барањата за прв пат се поднесуваат по електронски пат. Секој кој сака да поднесе барање мора да има електронска адреса на негово име и со таа адреса треба да се пријави во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Охрид. Исто така за сите детали околу оваа програма и помош при пополнување на техничките барања за субвенции, земјоделците ќе може да се обратат и кај нас во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, појаснува Ѓорчевска.
Инаку на подрачјето на општина Охрид во моментов се регистрирани 1.600 земјоделци, а голем процент од нив во текот на изминатите години биле корисници на субвенции од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството.
Е.М














