Народот доаѓа по своето. Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме државата, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно, сме силата на Македонија. Тоа го порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен собир во Охрид, од каде партијата традиционално ја почнува кампањата за парламентарните избори.

Нашата цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот. И да ја одземеме од рацете на 100-тина функционери од ДУИ и  нивните измеќари од СДСМ. Победата мора да е голема за да видат сите оние кои се прашуваат дали народот ќе дојде по своето, за да им докажеме и на најголемите скептици кои го потценуваат овој народ, дека Македонија и нејзините граѓани се горди и достоинствени и дека доаѓаат по своето, доаѓаат по својата единствена татковина Македонија. Доаѓаат да си ја земат државата во свои раце, затоа што лошо се живее, затоа што институциите се распаднати, затоа што државата е киднапирана од неколкумина од ДУИ и СДСМ и нема набавка или тендер кој не е злоупотребен, нема работник кој не е разочаран, нема пензионер кој не е загрижен, нема доктор и инженер кој не се прашува што бара тука, нема млад кој не е скептичен, и ретко човек кој не помислил дали да си оди од овде. Накусо нема надеж и сон кои не се уништени. Но, во нас мора да се роди повторно пркосот, не им ја даваме Македонија, не им ја даваме иднината, не им дозволуваме повеќе да си играат со нашите животи и да се коцкаат со животите на нашите деца, истакна Мицкоски.

Сакам, рече Мицкоски, денеска пред вас да обзнанам едно сценарио, една завера која ја подготвуваат и со која си се лажат себе си дека ќе им успее.

А, тоа е, ќе имале СДСМ 28 пратеници, а албанските партии ќе добиеле 33 заедно и ќе правеле влада заедно, замислете каква багра е тоа, и како размислува за иднината на Македонија. Нив не ги интересира иднината на државата, туку иднината на нивните фотелји, нема откажување од фотелјите треба да им е слоганот. Дури и им ветувале на ДУИ дека наместо како до сега 50 проценти од државните институции, СДСМ би се задоволиле со 30 проценти, а ДУИ и останатите партии да преземат се до 70 проценти, потенцираше Мицкоски.

Посочи дека нудат најдобра изборна програма досега наречена „Платформа 1198“, план кој содржи 1198 проекти.

Во оваа програма се обврзуваме на раст на БДП до 5% годишно. Ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0 – 2,5% годишно. Намалување на невработеноста до 7,5% и отворање на нови 55 илјади работни места. Секое дете да има место во градинка. Реорганизација на министерствата и институциите, намалување на бројот на функционери членови на управни и надзорни одбори. До 800 милиони евра за македонското земјоделство, гарантиран откуп, гарантирана цена, обнова на водоснабдителните системи. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за 4 години. Формирање на посебен фонд за врвна наука и конечно одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите и функционерите. Почнуваме силно и одлучно, во финалната трка од која ќе победи народот на Македонија, додаде Мицкоски.

Мицкоски од Охрид испрати порака со повик за обединување и национално единство, содржана во кратенката ДПМНЕ не само како што рече заради историскиот континуитет како идеја и организација нераскинлив дел од македонското национално движење и национален идентитет, туку иствремено и како обврска да се случи македонско единство во мигови, како што рече, кога и е најпотребно на Македонија. Во таа насока, тој најави мораториум во нападите кон партијата Левица и движењето ЗНАМ.

Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во миговите кога таа и е најпотребна на Македонија. Со Левица и ЗНАМ имаме разлики од идеолошка, но и од принципиелна природа, но ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мораме да наоѓаме заеднички јазик…Македонија мора да се обединува по сите основи, рече тој.

Тој ги повика на обединување и членовите на СДСМ, независно дилемите и стравувањата, да бидат дел од генерацијата што, како што рече, ќе биде горда затоа што успеала да ги запре поделбите по партиска основа и ги мобилизирала сите капацитети и потенцијали во функција на развој на државата.

За мене Охрид не е само културна метропола, туку и споменик на природата. Охрид за мене не само што е еден од најубавите градови, туку е спомени и дом на европското христијанство, рече во обраќањето пред присутните кандидатката за претседател од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, проф. д-р Гордана Силјановска – Давкова.

Охрид како постар од човештвото треба да ја ужива нашата заштита. Не заборавајте без Охрид, Македонија нема да биде почитувана. Час поскоро активирајте го Универзитетот на Плаошник. Оваа власт не знае што е култура. Ама ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, мора да доврши. Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите, дијалог на религиите, центар на културен дијалог, потенцираше Силјановска- Давкова.

Посочи дека во моментов на ВМРО ДПМНЕ гледа како на револуционерна партија која по овие избори ќе стане реформска, што е вистинскиот одговор на новото време. А АСНОМ што ќе го славиме годинава, рече, за неа ќе биде не антифашистичко, туку антикоруптивно и антикриминално заседание на народното ослободување на Македонија од авторитарната власт.

На 24 април и 8 мај ќе одлучите дали Македонија како твоја и горда навистина ќе биде проевропска бидејќи ако Македонија не е твоја и горда неможе да биде ниту европска држава. ЕУ е единство на различностите, а ние со културата, со образованието, со традицијата на почит на оние кои ги дадоа животите за Илинден можеме и мораме да зачекориме во четвртиот Илинден. Илинден што ќе значи Република која е правна, демократска, стандардна европска држава. На 9-ти мај ќе го прославуваваме денот на победата против фашизмот, ама и денот на Европа. На 9-ти мај ќе ја славиме Македонија како твоја и како горда, додаде Силјановска – Давкова.

Со голем митинг во Охрид ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ја започнаа кампањата за парламентарните избори

На централниот митинг на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата во Охрид присуствуваа граѓани од сите краеви на земјата.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски