Голем одзив на граѓани денес во Општина Охрид со идеи и предлози за креирање на Буџетот за 2023 година. Граѓаните имаа можност своите барања и потреби да ги презентираат пред градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, Секретарот на Општина Охрид, раководителите на сектори и одделенија од Општина Охрид, директорите на Јавните претпријатија и дел од советниците во Советот на Општина Охрид.
Овој принцип на функционирање кој во една година го воведовме да сме поблиску до граѓаните и овие отворени денови кои ќе бидат два викенди каде ќе бараме од граѓаните одредени предлози за буџетот, ќе продолжи да функционира и понатаму затоа што ние како локална власт, а и централна власт ако сакате понатаму, ја црпиме силата исклучиво од граѓаните, истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков на денешната прес конференција.
На ниво на месни заедници имаа два-три проблеми кои посебно ги истакнаа и замолија да влезат во програмите на Буџетот, односно во изгласувањето на самиот буџет. Месните заедници се оргнизирани имаат свои предлози, дојдени се со она што за нив претставува суштинска потреба на жителите од местото од кое доаѓаат и би рекол дека принципот кој што го создадовме минатата година секогаш кога е нешто битно да се направи без разлика дали е асфалтирање улички, проблеми со водата, нова водоводна линија, канализциска мрежа или било каква потреба ние сме биле во комуникација со нив. Не била лична моја желба или на секторот туку на нивните долгогодишни проблеми. И овој повик го сватија така. Тие се дојдени спремни за она што се суштински потреби и побарувања за да влезат во буџетот во наредниот период без разлика дали ќе биде во 2023, 2024 или 2025. Во наредните три години да можеме да решиме што поголем број проблеми на граѓаните, рече Пецаков.
Одговарајќи на новинарско прашање Пецаков потенцираше дека во 21 век сеуште има граѓани кои немаат елементарни услови за живот.
Да сеуште има. Во централното градско подрачје има места кои сеуште не се поврзани на канализациска мрежа. Тоа е една од основните работи и секако пристапот до вода за секој граѓанин не е еднаков посебно во летниот период кога ние како град имаме голем проблем заради зголемувањето на бројот на туристи. Ние имаме капацитет 35-40 илјади луѓе во еден ден да примиме и тоа предизвикува во водоснабдувањето проблеми. Ги решававме со резервоар во поголемите места, во Лакочереј завршивме, во Подмоље, сега во Лескоец го решаваме. 21 век сме, а основни елементарни услови за живот нема и ќе работиме на тоа, истакна Пецаков.
Во однос на тоа како Општината функционира со бликирана сметка, потенцираше дека многу е тешко за реализирање на она што го имаат како замисла, а дополнителна тежина претставуваат и јавните претпријатија кои сами по себе функционираат со блокирана сметка и нивните основни потреби за материјали за работа и тоа што треба да го сработат на терен, а е зададено од страна на локалната самоуправа се голем проблем и фукнционираат со судска финансиска рамка.
Оваа година ние сработивме преку 30 милиони заедно со јавните претпријатија што не е случај со минатата година и сме им дале можност наместо она што било во 2021 година, 8 милиони, сега да сработат 30 милиони. Сме им дале на претпријатијата да живеат, односно да ја извршуваат својата работа, да плаќаат плати и да ги сервисираат тековните обврски. Но, тоа не е случај со ЈП Водовод, а енергетската криза силно ги погоди локалните самоуправи. Дополнителен проблем е што од пред две недели сме блокирани од УЈП во вредност од 40 милиони денари за неисполнување на обврските на директорката на ЈП Градски пазар во минатите 4 години за неплаќање ДДВ кон државата од над 20 милиони денари, на тоа имаме 11 милиони камата и 2 милиони за присилна наплата. Тоа е дополнителна тежина на Општина Охрид. Не нашле за сходно да блокираат во 2019, 2020, 2021 година сега беше потребно на крај на година и онака комплицираната состојба и да одземе со ова средства тековно од еден месечен приход на Општина Охрид, додаде Пецаков.
На изминатите локални избори се обврзавме пред граѓаните дека заедно ќе ги градиме општините. Овие отворени денови се можност граѓаните да ги изнесат своите предлози, проекти и проблеми што ги имаат и да ги вградиме за да ги решиме во идните буџети на општините истакна генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски.
Во Охрид гледаме дека има голем одзив на граѓани кои се приклучија на идејата за давање свои предлози и идеи за да можат да се решат клучни проблеми за подобрување на квалитетот на живот за луѓето од средините од каде што доаѓаат. Во изминатите 365 дена видовме дека се може поинаку. Може да се сработи, да се изгради, да се реализираат проекти, може да се има идеи. Тоа е пример за Општина Охрид која од она што го видовме на изминатиот саем за општини покажа дека се реализирани голем број проекти иако општината знаеме дека долг период нема средства и е блокирана. На ваков начин заедно со грѓаните веруваме дека и кога ќе дојдеме централна власт ќе можеме да ги решаваме проблемите и нивните идеи и предлози да бидат вградени во идните централни буџети што ќе ги правиме, потенцираше Сајкоски.
Со оглед на тоа што голем број од проблемите не се поврзани само со локалната, туку треба помош и од централната власта, Сајкоски истакна дека во минатото било пракса централната власт во многу наврати да им помага на општините.
Тоа беше пример кога државата одвојуваше средства и за локални патишта, имаше околу 300 изградени локални патишта коишто беше директна помош за општините, се одвојуваа за водоводи средства во висина од 100-тина милиони евра кои ги искористија општините и ја сменија водоводната мрежа. Оние што имаа свои проекти и можеа да аплицираат. Ја повикувам и оваа власт да се насочи кон тоа максимално да помогне на општините, бидејќи со помош на општините директно се подобрува животот на граѓаните кои живеат во нив, додаде Сајкоски.
Отворените денови за идеи и предлози, но и увид во буџетот ќе има и утре, како и наредниот викенд, односно на 10 и 11 декември.
Н.С.Ј.