По сторијата на OhridNews за проблемот на лица кои се одаваат на питачење кој особено е нагласен во летната сезона, СВР Охрид викендов, согласно одредбите на законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште, спроведе акција  за откривање на лица со непријавен престој, лица малолетници без надзор и лица кои се оддаваат на питачење.


Контрола беше извршена и кај приватни станоиздавачи каде непријавени се сместуваат лица од други градови и подрачја. Активностите на полициските службеници се спроведоа во соработка со Центарот за социјални грижи при што на подрачјето на Охрид и околината беа затекнати 31 полнолетни и 27 малолетни лица од Битола, Прилеп, Штип, Кавадарци, Велес и Ресен кои подолго време во централното градско подрачје како и на повеќе други локации во Охрид и Струга вршеле питачење, информираат од СВР Охрид.

Тие се упатени кон нивните места на живеење, а СВР Охрид и Центарот за социјални грижи против нив ќе поднесат соодветни пријави.


Акцијата имаше и превентивен карактер, а целта беше елиминирање на можностите за кражби и други казнени дела, додаваат од полицијата. Заради целосна безбедност на граѓаните на Охрид и туристите, СВР Охрид и понатаму ќе продолжи со примена на овие, но и на сите други законски овластувања, стои во информацијата.

OhridNews