Голема посететност на Саемот за образование и кариера кој денес се одржа во Охрид. Младите, идните  средношколци и студенти можеа да се запознаат со наставните програми и можности кои ги нудат средните училиштата во Охрид и Струга, како и високо образовните институции во градот и државата.

Со свој штандови на кои беа презентирани прмотивните материјали, но и дел од изработките на учениците се претставија  ОСУ „Св. Климент Охридски“, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, ОУТУ „Ванчо Питошески“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и ПК „Јахја Кемал“, Струга.

  • Гимназијата како училиште ни нуди здрава иднина за секој гимназијалец, сите смерови ни нудат иднина. Имаме подготвени флаери на кое е презентирано од кои смерови на кои факултети може да продолжиме. Училиште кое постои оддамна, со многу добра историја која треба да ја зачуваме ние како иднината на градот, вели Сара Петковска од ОСУ „Св. Климент Охридски“.
  • Во нашето училиште имаме три годишни и четиригодишни смерови и дуални паралелки. Тригодишни се готвач, кечнер и слаткар, четиригодишни се угостителски техничар, угостителски техничар за рурален туризам, хотелско-туристички техничар. Секој кој ќе заврши тригодишно може да се запише и во четиригодишна парарлелка, вели Теодора Црвекоска од ОУТУ „Ванчо Питошески“.
  • Нудиме четири струки електротехничка, машинска, сообраќајна и козметичка. Нудиме можност за запознавање подобро на стручните работи преку пракса и теоретскиот дел кои во иднина ќе ни помогнат. Имаме презентација од секоја струка, вели Ана Новеска, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.
  • Медицинската струка како најбарана во моментов мислам дека е вистински избор за секој средношколец. Нашето училиште е подготвено, имаме пракса во училиштето и во болниците, вели Ивана Котеска, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.
  • Економската струка треба да ја одберат младите зошто ќе се стекнат со многу знаења во оваа област како теоретски, така и праткично. Преку соработка со многу познати компании ни се дава можноста за практична настава, а работиме и на многу проекти вели Викторија Печевска од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.
  • Училиштето се стреми кон максимална посветеност на учениците, благодарение на посветеноста на професорите имаме шанси да сме дел од меѓународно признати и светски натпревари, а дипломите од истите се светски признати и имаме можност да се запишеме на различни факултети, вели Матеа Стоев од ПК „Јахја Кемал“, Струга.

Вакви настани се од голема важност и значење за град како Охрид, кадешто се бориме за подобра иднина, образование и кариера, рече Јован Цветкоски, претседател на Младинскиот центар Охрид.

Да покажаме дека и тука има доста можности и опции младите да го продолжат своето оразование, вели Цветкоски.

Заменик градоначалникот Перчо Божиновски истакна дека со организирањето на вакви саеми учениците имаат дополнителна мотивација, покрај совладувањето на редовните наставни програми да го развиваат и чувството за кариера.

Случувањето денес е посветено токму на вас драги ученици и студенти. Продолжете го својот пат во онаа образовна институција која вас најмногу ви одговара, онаа во која ќе знаете дека ќе го дадете својот максимум за лично добро, но и напредок на општеството. Тука, во Охрид и Македонија вие ќе ја исцрпите својата судбина и изградите своја иднина, ќе се соочите со полесни и потешки предизвици, но тоа не значи дека треба да се откажете од своите соништа. Треба вредно да учите и да си обезбедите подобра иднина за себе, рече Божиновски во обраќањето кон присутните млади на саемот, искажувајќи надеж настанот да прерасне во традиција и потенцирајќи дека локалната секогаш ќе поддржува вакви настани.

Пред идните студенти со свои штандови се претставија и двете високо образовни институции во Охрид, Факултетот за туризам и угостителство и Универзитетот „Св. Апостол Павле“, како и Градежниот факултет Скопје и ФОН Универзитетот.

  • Обезбедуваме модерно образование особено во делот на економијата и бзинисот со што им овозможуваме на потенцијалните и на идните студенти програми прилагодени на денешните потреби на пазарот на трудот. Факултетот има развиена соработка со многу мрежи каде се испраќаат студенти на практична работа и семестрални студии каде што може да разменат искуства, вели Елена Ќосеска, соработник на ФТУ.
  • Нашата струка е атрактивна опција бидејќи станува збор за базична струка која е неопходна да функционира современата цивилизација. Оваа струка ќе биде секогаш потребна и како што оди нашиот цивилизацискиот развој секогаш ќе има потреба од градежни инженери. Студентите добиваат и признаена диплома, вели професор Владимир Вотанов од Градежен факултет Скопје.
  • Имаме пет факултети во склоп на Универзитетот кои се доста атрактивни и нудат од една страна професија за вработување на младите, но и отворање на соствен бизнис и стекнување на професионална кариера тука во нашата држава, вели Самир Салиевски, професор на ФОН Универзитетот.
  • Нашиот Универзитет нуди модерни, современи ИКТ, нови студиски програми на кои студентите студираат низ три и четири годишното образование. Една прекрасна шанса за многу актуелна струка која во моментов е и најплатена, но и со многу можности за истражување, бизнис, за отпочнување на стартапи, за повисоки научни истражувања, применета во сите области, вели професор Устијана Речкоска Шикоска од УНИТ „Свети Апостол Павле“.

Младите имаа можност да се запознаат и со тоа то претставува кариерното советување и кои се придобивките од истото. Марија Коваческа, меѓународно сертифициран советник за развој на кариера вели младите се соочуваат со доста голем проблем за донесување на одлука од што понатаму од причина што секогаш има недостиг на информации во поглед на што е тоа што се случува на пазарот на трудот, што е тоа што ги очекува кога ќе излезат од училиште или од факултет.

Како кариерни советници најголем предизвик ни е како кариерното советување да им го донесеме на малдите во вистинската смисла, да почувствуваат која е придобивката од посета на кариерен советник, да можат врз основа на своите интереси и информациите од пазарот на трудат да бидат вработливи, да добијат насока на што треба да се посветат за да бидат конкурентни, додава Коваческа, потенцирајќи дека младите сеуште не се толку запознаени со кариерното советување и неговите придобивки.

Н.С.Ј.