Со цел испраќање на порака за пријателство и мир од Македонија, за економска соработка и грижа за младите генерации, од 14-ти до 16-ти јуни во Охрид ќе се оддржи голема регионална конференција под насловот „Иднината на регионот”, пренесува „Макфакс“.
На конференцијата, ќе биде промовиран Сојузот на Ротари клубовите од Македонија во рамките на Ротари Интернационал, но ќе се претстави и Република Македонија како колевка на луѓе со добра волја на Балканот.
Покана за учество на конференцијата во Охрид им се упатени и на „ротаријанците“ од Албанија, Бугарија, Косово, Македонија, Северна Грција, Србија, Турција и Црна Гора, а се очекуваат повеќе од 250 пријави за учество.
Официјален јазик на конференцијата ќе биде англискиот, но за ротаријанците на кои им е тоа потребно, ќе биде обезбеден симултан превод за време на работниот дел на конференцијата
Конференцијата не е замислена да биде само можност за средби и развивање на добра волја меѓу ротаријанците од разни нации, религиски или етнички припадности, туку и за ширење на заедништвото и јакнење на меѓусебното пријателство. Учесниците на конференцијата, ќе имаат единствена прилика да чујат видувања за политички, економски и социјални аспекти на животот на луѓето од регионот, преку излагањата на истакнати меѓународни експерти, широко почитувани заради своите познавања и позитивниот придонес за регионот.
Така, учесниците ќе имаат прилика да ги споделат своите искуства и да ги идентификуваат можните упоришта на идните заеднички ротаријански проекти кои ќе бидат насочени кон вистинските потреби за подобрување на животите на сите луѓе од регионот и пошироко.
„Балканскиот регион претставува богатство на различни култури, религии и наслаги од заеднички историски сеќавања на народите што живеат тука. Како последица од различни интереси на политичките елити од минатото, сеќавањата на најголемиот дел од историските случувања во регионот, предизвикуваат непријатни чувства меѓу народите. За жал, сведоци сме дека сенките од минатото оживуваат, од време на време и денес. И тоа, не само како безопасни изрази на носталгични чувства, туку и како конкретни активности на одредени поединци и групи кои се насочени кон реставрација на делот на балканската историја кој нив најмногу им одговара или кон наметнување на својата „вистина” како апсолутна. Дали ваквите погледи треба да бидат фокус на иднината на регионот?“ – се вели во промотивниот материјал со кој се најавува средбата на Ротари клубовите од регионот.
Инаку, преку дружењето на ротаријанците од цел свет, Сојузот на Ротари клубови во Македонија реши да организира регионална Ротари конференција на тема „Иднината на Регионот”.
OhridNews
извор: „Макфакс“